СЗО со црно предвидување: Два милиони луѓе може да умрат од коронавирус

118

Бројот на починати од коронавирус во светот би можел да достигне два милиони пред да почне употребата на делотворна вакцина, предупредил директорот на програмата на СЗО за вонредни ситуации, Мајк Рајан. Тој смета дека тој број би можел да биде и поголем ако не се усогласат акциите за сузбивање на пандемијата, пренесе Ројтерс.

“Ако не направиме се што можеме, бројот од два милиони жртви не е само проценка, туку и многу веројатен”, рекол Рајан на брифинг во петок.

Во светот се регистрирани речиси милион смртни случаи, речиси девет месеци откако коронавирусот е откриен во Кина, а Рајан рекол дека не треба да се обвинуваат младите за неодамнешниот пораст на бројот на заразени, и покрај се поголемата загриженост дека токму тие го поттикнуваат неговото ширење по ублажувањето на мерките и карантинот во светот.