Санкциите за „Северен поток 2“  напад врз суверенитетот на ЕУ и фатален сигнал

341

Завршувањето на проектот „Северен поток 2″ е во финалната фаза, но сега се чини гасоводот и компаниите што учествуваат во неговата изградба нема да ги одминат американските санкции, се наведува во редакцискиот коментар на германскиот национален дневен весник „Франфуртер алгемајне цајтунг“.

Американските сенатори од Демократската и Републиканската партија успеаја да го интегрираат Законот за санкции, што беше поднесен на расправа уште во текот на летото, во оној за буџетот за одбрана. Авторите на законот, републиканецот Тед Крус и демократот Жан Шахин, предупредија дека санкциите против компаниите, учеснички во  реализацијата на проектот за „Северен поток-2“, ќе бидат „уништувачки“.

Законот се очекува да биде усвоен пред Божик и потврден со потпис на претседателот Доналд Трамп, кој ќе му придаде и правна сила. Помалку јасни, меѓутоа, се ефектите од него. Може да дојде до трка со времето. Експертите пресметале дека цевководот ќе биде завршен во рок од шест до осум недели, бидејќи времето во Балтичкото Море е многу важен фактор.

Доколку законот влезе во сила пред Божик, тогаш ќе се примени гратис период од 30 дена, што на компаниите учесници ќе им овозможи да ја завршат својата работа.

Санкциите во практика би ги оневозможувале компаниите да ја извршуваат својата дејност во САД, каде што е активна фирмата ќерка на изведувачот за инженериски услуги. Тоа може да го забави завршувањето, но не и да го запре.

Од германското Министерство за економија веќе изјавија дека нивната влада ги отфрла екстериторијалните санкции.

Остра реакција дојде и од Источниот комитет на германскиот бизнис од каде што наведоа дека „доколку овие санкции се применат, тоа ќе биде директен напад врз суверенитетот на Европската Унија и фатален сигнал за мировните напори на Париз“, изјави нејзиниот претседател Оливер Хермес.

„Од ЕУ се добиени сите неопходни одобренија за доизградба на ‘Северен поток 2’ и се прифатени соодветните правила за експлоатација. Обидот за влијание од страна на Американците ќе биде повеќе од непријателски акт, што ќе им нанесе штети на трансатлантските односи, кои се темелат на заемно почитување.“

Американската Влада повеќе години се бори против изградбата на цевководот. Аргументите ѝ се дека тој ќе ја направи Германија зависна од Русија, ќе ѝ нанесе штети на Украина и, исто така, на рускиот претседател ќе му донесе приходи во милијарди долари, што тој ќе може да ги користи за спроведување на својата агресивна светска политика.

Реториката против „Северен поток 2“, специјално насочена против Германија, сепак, е омекната. Очигледно се забележуваат напорите на федералната влада да посредува во конфликтот во Украина и да ја зачува земјата од финансиски загуби.

Франфуртер алгемајне цајтунг