Во книготека “Икона“ на ул. Максим Горки бр 17, вечерва (23 септември), со почеток во 18.30 часот, согласно сите мерки и протоколи што ги налага пандемијата, ќе биде промовирана единаесеттата книга на авторката Сузана Турунџиева, насловена “Зборотерапија“.

“Веруваш дека зборот се користи наместо лек? Јас да! Секогаш кога се трудиш внимателно да ги одбереш вистинските зборови, упатувајќи ги на вистински луѓе во вистинско време, тогаш зборовите имаат огромна исцелителна моќ. А кога пак зборовите ќе ги подредиш во вистинскиот тоналитет, со интонација која совршено штима, и малку добар ритам, тогаш зборотерапијата е повеќе од успешна“, вели авторката.

Таа посочува и дека со секоја купена книга се придонесува за подигање на свеста за ранливите категории на деца, а дел од средствата се донираат за потребите на дванаесетгодишното дете со аутизам – Ѓорѓи Цветковски, кој живее со својата самохрана мајка.