Прехранбени пакети добија стотина кавадаречки социјално загрозени семејства

109

На светскиот ден против сиромаштијата, стотина социјално загрозени семејства од Кавадарци добија прехранбени пакети од Банката за храна, која подолг период е активна во општината и им помага на најсиромашните со храна и хигиенски средства. Роберто Паризов, претседател на еколошкото друштво ,,Еко-живот”, кој е активист во Банката, рече дека таа е меѓу лидерите во државата во оваа област.

– Пример сме како треба да изгледа банкарството и посебно грижата за справување со вишокот храна и нејзино донирање на оние на кои им е најпотребна. Тука сме 365 дена во годината да обезбедиме што повеќе храна за нив заедно со општинските институции и со бизнис секторот – нагласи Паризов.

Тој додаде дека интересот за донирање се зголемувал се повеќе, како кај компаниите, така и кај граѓаните.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев изрази задоволство од функционирањето на Банката.

– Сиромаштијата постои меѓу нас во општеството и мора да се трудиме да ја тргнеме, но во целост тоа е невозможно. Заедно со „Еко живот“ и Банката за храна, ние како општина, бизнис секторот и сите институции, помагаме со основните прехранбени продукти за најсиромашните – рече Јанчев.