„Ретроспектива на целосното творештво е едно од оние специјални задоволства – гледаш каде ти оди гласот. Го поминуваш животот правејќи уметност, се внесуваш и жртвуваш и убаво ти е; и гледаш дека има луѓе што тоа го следат, твојата уметност ги радува, им значи, им влијае на тоа како размислуваат“, изјави Манчевски по повод ретроспективата на неговото творештво и премиерата на неговиот најнов филм „Кајмак“ на „Софија филм фест“, кој се отвори вчера и ќе трае до 31 март  

 

Најновиот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски „Кајмак“, вечерва (18 март), ќе биде премиерно прикажан на „Софија филм фест“, кој беше отворен вчера и ќе трае до 31 март. Во рамките на овој интернационален филмски фестивал во Софија, Бугарија, присутна публика ќе има можност да го проследи и целокупното творештво на македонскиот режисер, поточно неговиот опус од  седум долгометражни филмови „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“ и „Кајмак“, како и два краткометражни „Четврток“ и „Крајот на времето“.

„Ретроспектива на целосното творештво е едно од оние специјални задоволства – гледаш каде ти оди гласот. Го поминуваш животот правејќи уметност, се внесуваш и жртвуваш и убаво ти е; и гледаш дека има луѓе што тоа го следат, твојата уметност ги радува, им значи, им влијае на тоа како размислуваат“, посочи Манчевски, кој досега имал десетина меѓународни ретроспективи на неговиот опус.

Македонскиот режисер ја има и честа да биде претседател на главното жири на ова 27. издание на „Софија филм фест“, кој започна со проекција на филмот „Господар на шумите“ на Фолкер Шлондорф во софискиот „Национален дворец на културата“ (НДК). Покрај Манчевски, членови на жирито се и режисерите Агњешка Смочинска од Полска, Беата Парканова од Чешка и Александра Кошеф од САД, како и бугарскиот актер Владимир Пенев.

Жирито на чело со Манчевски ќе го избере добитникот на Главната награда помеѓу 12 номинирани филмови. Ќе бидат доделени и награди за Најдобар балкански филм, за документарен филм, за бугарски краткометражен филм, како и Награда за најдобар филм на младински теми.

Главно мото на овогодишното издание на СФФ е „зелената идеја“ за справување со климатските промени и заложбите за зголемување на „белите дробови“ на планетата Земја.

„Во последните неколку децении, Софија филм фест ѝ ги претставува на домашната публика делата на Манчевски, кои имаат извонредно влијание, демонстрираат мајсторско чувство за пресоздавање психолошки портрети и стануваат омилени на публиката. Годинава, одлучивме за овој режисер од светски ранг да ги претставиме ретроспективно неговите филмови“, соопштија од  Фестивалот.

Филмот на Манчевски на Софија филм фест гостуваше во 2020 со филмот „Врба“ кој тогаш доби специјална награда.

„Софија филм фест“ ќе има свои изданија и во Пловдив од 17 март до 2 април, во Варна од 24 март до 2 април и во Бургас од 30 март до 7 април.

Инаку, на почетокот на месецов, „Кајмак“ ја освои Специјалната награда на жирито во престижната програма Недела на режисерите на фестивалот Фантаспорто во Порто, Португалија, а магазинот „Лаксанте“ го оцени филмот со четири ѕвезди и напиша:„Манчевски повторно создава моменти на голема емоционална и скулптурална убавина, со прекрасна фотографија, која успева да го одржи формалното единство без оглед на тоа дали дејствува во комичниот или во драмскиот регистар. Резултатот е екстремно хуман и прекрасен филм, ама истовремено и филм што е искрен и сиров. Уште еден пример за големината на кинематографијата на Милчо Манчевски“.

Во исто време „Кајмак“ беше прикажан и на ФЕСТ во Белград, каде што сите три проекции беа однапред распродадени, а актерката екипа од филмот, која присустувуваше на премиерата доживеа огромен аплауз.

Црната комедија „Кајмак“, кој светската премиера ја имаше на филмскиот фестивал во Токио, е седми филм на Манчевски и претставува критика на малограѓанскиот морал и на илибералните тенденции во општеството.

Филмот е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција во соработка со МРТВ, а поддржана од Еуримаж. Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, музиката е на Дејниш стринг квартет и Игор Василев-Новоградска…