Во Собранието на Република Северна Македонија, денеска на пладне во салата Голема купола ќе се одржи првата седница на новиот парламентарен состав согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19. Со седницата ќе претседава претседателот на Собранието во заминување Талат Џафери.

Според точките на дневиот ред на седницата ќе се изврши избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, а потоа ќе следи верификација на мандатите на пратениците во Собранието. Трета и четврта точка се избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието и избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Функцијата Претседател на Собранието им припаѓа на партиите кои ќе обезбедат мнозинството за формирање влада, процес кој формално почнува денеска, па не може со сигурност да се очекува дека тој ќе биде избран на конститутивната седница.

Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.