Почна обновувањето на изгорените бараки на дирекцијата на ЈП „Улици и патишта“

145

Јавното претпријатие „Улици и патишта“ почна со обновувањето на своите опожарени бараки позади ТЦ „Буњаковец“. Деновиве нивни екипи го расчистиле шутот кој остана по пожарот, а веќе е поставена и табла со изгледот на бараката и со назив на фирмата изведувач.

– Просторот е исчистен. Веќе се подготвуваат елементите кои што треба да се монтираат. За околу 15 дена се очекува да биде готова карабината – изјави  директорот на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов.

Тој додаде дека потоа ќе се постават и кровните елементи. Станува збор за монтажен објект кој ќе биде со истиот габарит како и претходниот, но од поиздржлив материјал, односно од лесен бетон, а не од дрвен материјал, како и со подобра термичка изолација.

Како што истакна Настов, тој очекува за три месеци, а најдоцна до Нова година бараката да биде комплетно подготвена за вселување на вработените кои сега привремено се наоѓаат во простории во зградата на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ .

Пожарот во кој на 22 декември, минатата година беа зафатени бараките на ЈП „Улици и патишта“, со површина од 380 квадратни метри, според МВР, прво избил во патничко возило „нисан“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Н.Л. (38-годишник од Скопје). Од пожарот делумно беше зафатено и патничко возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на обвинителот Гаврил Бубевски, кое било паркирано на тротоарот, до бараките на ЈП „Улици и патишта“.

(А.П.)