Порта Македонија нема да се урива туку ќе се вметнува во планот за Мал ринг!?

464

Објектот „Порта Македонија“ нема да се урива туку Владата бара од Општина Центар да го преиспита ова решение, како и неизградениот споменик на Мајка Тереза и истите да ги усогласи согласно со заштитата на културното наследство во градскиот центар. Од Владата појаснуваат дека со мислењето дадено до Општина Центар уште пред изборите “не укажуваат дека треба да се руши кој било од споменатите објекти, туку препораката е дека предметниот ДУП треба да се разгледа и усогласи од страна на Општина Центар, имајќи ги предвид мислењата кои се дадени и од Комисијата.

– Конкретно објектот „Порта Македонија“ не попречува пешачки ниту моторен сообраќај, низ уличната мрежа секојдневно минуваат пешаци и возила, односно дозволена е непречена комуникација – сметаат од Владата.

И од Општина Центар, пак, сметаат дека се потребни функционални измени на ДУП „Мал Ринг“ и чекаат конкретни акти од Владата за натамошно дејствување. Градоначалникот Саша Богдановиќ најави дека нареднава недела ќе се одржи работен состанок со Министерството за култура и Владата и ќе се утврдува која институција каков правен акт треба да донесе.

Архитектот Вангел Божиновски кој беше вклучен во проектот „Скопје 2014“, вели дека уште кога се градела портата тој имал забелешки и сметал дека таа во нејзината форма треба да биде изворна, македонска. Според него, портата не треба да се урива, туку да се направат измени со што би се добила поевтина варијанта отколку да се урне.

(С.Бл.)