Поранешниот НБА-кошаркар Делонте Вест (38) имаше премногу тежок период по завршувањето на играчката кариера. Тој ги загуби сите пари кои ги печалеше во текот на НБА кариерата, а во јануари минатата година беше забележан на улица во Далас како проси.

Неговата зависност од дрога и алкохол целосно го уништи, па на помош му се најде сопственикот на Далас Маверикс, Марк Кјубан. Го тргна од улиците, платил за рехабилитација на Флорида, а 38-годишниот Вест се чинеше дека е на добар пат кон закрепнување.

Меѓутоа, Делонте се врати на старите навики и овој пат беше уапсен поради дивеење во алкохолизирана состојба во градот Бојнтон Бич на Флорида.

Вест „мртов пијан“ викал на улица, а потоа тропал по вратата од својот дом. Полицијата реагирала, а Вест продолжил да вика по нивното пристигнување.

Во раката имал отворена лименка пиво и отворено шише вотка и одбил да застане кога полицаецот го побарал тоа. На крајот бил уапсен, а во полициската станица почнал да зборува неразумно.

  • Бев подобар од Леброн. Јас сум подобар од Џордан. Бев најдобриот кој го играше овој спорт. Замолчи, извикувал Вест, а меѓу другото велел дека е Исус Христос, како и претседател на САД.

Тој е обвинет за давање отпор при апсење, опиеност на јавно место и можно е одредено време да помине зад решетки.

Делонте Вест играше во НБА од 2004 до 2012 година, а играше за Бостон, Кливленд, Далас. Кратко време помина и во кинеската лига, а кариерата ја заврши во НБДЛ тимот на Тексас Леџендс во 2015 година.