Охрид ќе има гости, ама ќе нема кој да ги послужи

Во угостителско-туристичкиот сектор има недостиг од 10.000 работници. Во Охрид ова лето се очекува рекорден број на гости, но ќе нема кој да ги послужи. Од Хотелската асоцијација на Македонија за весникот ВЕЧЕР го потврдуваат ова и велат дека и покрај тоа што платите во овој сектор се зголемени и се над минималната плата, сепак се далеку од оние кои се нудат во Хрватска и во западните земји, што е главна причина за заминување на кадарот. Оттаму предлагаат проблемот да се решава со увоз на кадар, преквалификација на кадар од слични струки, како и преку саеми за вработување

734

Охрид ова лето очекува рекорден број на туристи, но нема да има угостители. Голем дел од угостителските работници ја напуштија државата и заминаа во западните земји за поголеми плати. Од Хотелската асоцијација на Македонија го потврдуваат ова и велат дека и покрај тоа што платите во овој сектор се зголемени и се над минималната плата, сепак се далеку од оние кои се нудат во Хрватска и во западните земји, што е главна причина за заминување на кадарот. Оттаму предлагаат проблемот да се решава со увоз на кадар, преквалификација на кадар од слични струки, како и преку саеми за вработување.

-Недостиг на кадар во угостителско-туристичкиот сектор има во сите земји од регионот. Овој недостиг се создаде поради голема миграција на работна сила од Балканот кон западноевропските земји за повисоки плати. За да се спаси туризмот очекувам да дојдат работници од земјите за кој ќе бидат олеснети визните процедури. Се очекува дел од угостителите да се добијат со преквалификација на работници од слични струки, како и преку саеми за вработување. Исто така, се очекува дел од работниците оваа работа да можат да ја работат како втора работа покрај основната работа која ја имаат, изјави за весникот ВЕЧЕР, Крсте Блажевски, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија.

Според него, најкритична е состојбата со готвачи и келнери, а недостасуваат и рецепционери, собарки, технички персонал…

-И покрај тоа што ние мораме да ги држиме работниците 12 месеци, и покрај тоа што имаат ефективна работа од само шест месеци, сепак голем дел и од оние кои беа стално вработени ги напуштија работните места и заминаа во други туристички места за повисоки плати. Платите во секторот се покачени и се повисоки од минималната плата, но се пониски од оние кои се нудат во Хрватска и во европските туристички дестинации, објаснува Блажевски.

Од Агенцијата за промоција и развој на туризмот најавуваат туристички бум за годинава и очекуваат експертите заедно со субјектите во туристичкиот сектор за месец, месец и половина да понудат решенија за недостигот од работна сила да се надмине во наредните десеттина години…

Оваа година туристичката индустрија очекува надминување на бројката од 3,2 милиони ноќевања, односно раст од 20 до 40 проценти. Најавите се оптимистички, но прашање е кој и како ќе ги услужува туристите, бидејќи има недостиг од 10.000 работници во овој сектор.

-Начинот на недостиг на стратегија низ годините развојни планови, можеме да ги видиме резултатите сега. Но, тоа што можеме сега да почнеме да го градиме е како за наредните 10 години да создадеме стручни кадри кои во одредени сегменти и елементи на економијата ќе овозможат раст, вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и развој на туризмот.

Јаневски посочува дека проблемот со работна сила мора да се надмине, бидејќи индустријата во 2022 во македонската економија влеала 480 милиони долари туристички промет, којшто е за 21 процент поголем од 2019.Тоа значи дека уделот е преголем и така треба да се третира.

(А.С.)