Општина Ѓорче Петров и официјално на 20 септември, во реонскиот парк, ќе го одбележи вселувањето во новата општинска зграда, која се наоѓа спроти СП „Планет“, во рамки на трговскиот центра „Емпорио“. По тој повод се подготвува музички хепенинг, кој ќе се одржува во рамки на деновите на Општината од 19. до 23. овој месец.

Инаку, како што информираат општинските власти за Деновите на Општина Ѓорче Петров, кои исто така ќе се одржат во реонскиот парк, предвидени се богата музичка програма, детска програма, изложба на органска храна, настап на КУД „Глигор Прличев“, театарска претстава, филмска проекција и диџеј. 

Администрацијата на Општина Ѓорче Петров почна да се сели во новата општинската зграда на крајот од мај годинава и симболично го означи тоа со садење дрвца во дворот.

Новата општинска зграда има четири ката, а на секој кат има по 15 канцеларии. Меѓу нив има и конференциски сали. Таа е изградена преку јавно-приватно партнерство со фирмата „Трансмет“ на бизнисменот Сеат Кочан, уште во времето кога беше градоначалник Сокол Митровски од ВМРО-ДПМНЕ.

Договорот за изградба на трговскиот центар „Емпорио“, во кој дел ќе биде наменет за општинската зграда на Ѓорче Петров, беше склучен во јуни 2013 година, по спроведена постапка со јавен оглас. Се предвидуваше приватниот партнер, компанијата „Трансмет“, да изгради административна деловна зграда со бруто-површина од 15.000 квадратни метри и со подземен паркинг-простор. Од вкупната површина, 24 отсто, односно 3.600 квадратни метри и 40 паркинг-места под објектот ѝ припаѓаат на Општината, а 76, односно 11.400 квадрати, на приватниот партнер.

На 6 септември годинава, и Општина Петровец свечено го одбележа вселувањето во новата општинска зграда. Станува збор за објект кој се протега на површина од 700 квадратни метри, кој има приземје и кат и се наоѓа во дворот на старата општинска зграда. Зградата има 20 простории, лифт, но и паркинг-простор. Исто така, и на приземјето и на првиот кат има тоалет за лицата со посебни потреби. Чини 34 милиони денари, средства одвоени од буџетот на Општина Петровец.

Се довршува и новата општинска зграда на локалната самоуправа во Карпош. Оттаму велат дека е во тек оглас за јавна набавка за избор на изведувач за изведба на завршните занаетчиски работи на административниот објект на локалната самоуправа.

– До крајот на месецот треба да се избере најповолниот понудувач, кој ќе треба да изврши поставување на електрика, осветлување, санитарии, одвод, санитарен и противпожарен водовод, хидро, термичка и звучна изолација, молерофарбарски работи, керамичарски работи и друго – потенцираат од Општина Карпош без да прецизираат кога би можело да се очекува објектот да биде готов.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски беше на увид во новиот објект на почетокот од јануари годинава, при што беше констатирано дека издвоените 23 милиони денари од буџетот на Општина Карпош за 2023 година нема да бидат доволни за довршување на целата зграда. Од тие причини, беше одлучено годинава да се стават во функција приземјето, првиот и вториот кат за да може најголем дел од општинските служби да се преселат во новата зграда некаде до крајот на септември.

– Се планира објектот да биде довршен и целосно да биде ставен во функција во текот на следната година – соопштија тогаш од Општина Карпош.

Инаку, новиот објект на Општина Карпош „влезе“ во дванаесеттата година од почетокот на изградбата. Кога почна да се гради во 2012 година, тогашниот и сегашен градоначалник Стевчо Јакимовски најави дека ќе биде готова за осум месеци. Во текот на градбата, Општината промени неколку фирми изведувачи, а за зградата беше земен кредит во висина од 1,4 милиони евра. Последниве неколку години, Општината бараше решение за да се надмине проблемот, бидејќи она што беше изградено отстапуваше од проектот врз основа на кој беше добиено одобрението за градба.

(А.П.)