Огнената стихија им го зеде и она малку што го имаа

1724

Семејствата Марковски од населеното место „Гоце Делчев“ во општина Гази Баба останаа без покрив над главата. Нивната куќа изгоре во пожар кој избувна во понеделникот вечерта околу 20 часот. Семејствата во кои има шест деца сега се привремено сместени кај свои роднини. Преку социјалните мрежи бараат помош, бидејќи како што велат, останале и без тоа малку што го имале. Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски на семејствата им понудил помош и простор за сместување

Семејствата Марковски од населеното место „Гоце Делчев“ во општина Гази Баба останаа без покрив над главата. Нивната куќа изгоре во пожар кој избувна во понеделникот вечерта околу  20 часот. Благодарение на брзата реакција на Противпожарна бригада на Град Скопје, пожарот за кратко време беше ставен под контрола и со тоа се спречи да се прошири во останатите куќи, бидејќи се наоѓаат во густо населена средина.

Како што изјави за ВЕЧЕР, командантот на Бригадата за протовпожарна заштита на Град Скопје, Ѕвонко Томевски изгорена е дел од кровната конструкција и неколку простории, но за среќа, нема повредени, бидејќи тие веднаш биле евакуирани.

– Дојавата за пожарот ја добивме во 20:05 часот, по што веднаш наша екипа се упати на местото каде интервенираше се до 23:20 минути кога огнот беше изгаснат – изјави Томевски. За гаснењето на пожарот биле ангажирани 6 возила и 15 пожарникари.

За сега Томевски вели дека сеуште не е утврдена причината за настанување на пожарот. Тој објасни дека се работи за еден објект во кој живееле тројца браќа со нивните семејства и нивната мајка.

Неофицијално се зборува дека причина за настанување на пожарот бил фактот што мајката на тројцата браќа кои со семејствата живеат во иста куќа, при ставањето на огревно дрво во печката, и паднало жарче на чергичето, тоа се запаливо, а потоа и завесата, а огнот се проширил во останатиот дел на објектот.  

Семејствата во кои има шест деца сега се привремено сместени кај свои роднини. Преку социјалните мрежи бараат помош, бидејќи како што велат, останале и без тоа малку што го имале.

– За жал, јас и моето семејство останавме и без тоа малку што ни остана. Би сакал да ве замолам во името на целото мое семејство за помош. Огнот ни одзема буквално се. Со нас е само облеката што беше на нас. Немаме ниту финансии за основни работи. Соседи мои, доколку сте во можност да ни помогнете со облека, храна, млеко пелени и хигиенски средства ќе ви бидам благодарен – пишува Никола Марковски еден од членовите на настраданите семејства.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски уште во понеделникот вечерта веднаш штом разбрал за пожарот отишол на лице место. Тој на својата Фејсбук страница информираше дека на семејствата им понудил помош и простор за сместување.

– Ќе им обезбедиме храна, облека, обувки, а соработуваме и со Црвниот крст и со општествено одговорни компании од каде исто така очекуваме да излeзат во пресрет – информираше Стефковски.

Тој додаде дека Комисија од општината е на терен за да направи увид на лице место, па откако ќе се утврди штетата ќе се утврди и износот на паричните средства што општината дополнително ќе им ги додели на настрадините семејства.

(А.П.)  – Фото: Ѕвонко Плавевски