Нова депонија никнува во Волково

124

Жители на општина Ѓорче Петров, на социјалните мрежи реагираат дека нова депонија никнува во селото Волково.

Ова е трета депонија, велат тие, на територијата на општина Ѓорче Петров, по како што ја нарекуваат градската депонија во Ново Село, со која жителите имаат проблем и која постојано се пали, како и депонијата во Орман.

-Полека полека, почнува да никнува нова депонија во нашата општина, овој пат во Волково. Почнува да се трупа со градежен шут и земја. Покрај градската дива депонијата во Ново Село и депонијата во Орман, сега и депонија во Волково. Ѓорче Петров дефинитивно станува новата „Дрисла во Македонија“. Нè направивте најзагадена општина во Скопје и меѓу најзагадените во Македонија – се жалат жителите.

Од фотографиите, кои тие ги постирале на  фејсбук-групата „Ѓорче Петров“, може да се види дека несовесни граѓани истурале најразличен градежен шут.

Бубе Цветковска за тоа ги обвинува жителите.

-Каков народ сме, депонија има на секој чекор. Тоа е до нас, толкава ни е културата и свеста – вели Бубе Цветковска. Маја Јандриевска, пак, додава дека тоа се докази за тоа на кое ниво е, пред сè, свеста на локалните „водачи”, а потоа на самите граѓани. За да се создаде нова депонија, најверојатно како и за сè останато, некој си го наполнил џебот. Па не му е грижа на градоначалникот за нас. Волково со околината е „запустено” последните неколку години, мислам дека претходно никогаш не било така – нагласува Цветковска.

Додека Светлана Томиќ вели дека само казни се лекот, а други, пак, ја повикуваат локалната самоуправа да преземе мерки против несовесните граѓани.

 (А.П.)