Поранешниот светски тениски рекет број еден Шпанецот Рафаел Надал, се закити со титулата на првиот грен слем турнир сезонава – Австралија опен. Тој по повеќе од пет часа борба на „Род Лејвер Арената“, во пет сета го победи рускиот тенисер Данил Медведев со 2:6, 6:7, 6:4, 6:4, 7:5.

Со оваа победа Шпанецот се искачи на првото место на вечната листа по бројот на освоени грен слем титули и испиша нова историја во белиот спорт. Ова за него беше 21. грен слем титула, втора на турнирот во Мелбурн, по што зад себе ги остави светскиот тениски рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ и Швајцарецот Роже Федерер, кој имаат по 20. титули од грен слем турнирите во кариерата.

Надал прв пат го освои турнирот во Мелбурн во 2009 година, но уште неколку пати досега играше во финалето на овој турнир, но секогаш губеше од Новак Ѓоковиќ, кој годинава не доби можност да ја брани титулата само затоа што не е вакциниран.

Шпанецот е рекорден освојувач на Ролан Гарос со 13 титули, две има на Вимблдон и четири на Отвореното тениско првенство на САД.