На „Браќа Манаки“ разговори со Алкаине, Константинов и Шеридан

101

По вчерашното свечено отворање на јубилејното 40 – то издание на ИФФК „Браќа Манаки“, денеска имаше средби со големите филмски имиња како кинематограферот Хозе Луис Алкаине и ирскиот режисер и сценарист Џим Шеридан. Исто така, се одржа и разговор со добитникот на наградата на ДФРМ „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, композиторот Љупчо Константинов.

Денешниот фестивалски ден започна со прес конференција со Хозе Луис Алкаине, кинематограферот кој соработува со Педро Алмодовар, чиј филм „Болка и слава“ синоќа беше прикажан на отворањето на четириесеттото издание на ИФФК „Браќа Манаки“. „Тој е еден од најголемите не само шпански, туку и светски кинематографери. Навистина е привилегија што повторно е гостин на ‘Браќа Манаки’“, рече Благоја Куновски Доре, уметнички директор на фестивалот и селектор на главната програма при претставувањето на Алкаине.

„Слава и болка“ е ново дело на Алмодовар и како и секогаш тој работи со маестро Алкаине. Специфично е што филмот е автобиографски, Бандерас е алтер егото на Алмодовар, а снимањето е во самиот стан, кој бил трансформиран во студио.

„Многу е чудно, бидејќи пред ‘Болка и слава’, работев на филмот ‘Сите знаат’, кој беше во режија на Фархади. Таму имаше 10 главни ликови. Обично кај Фархади има еден, но сега беа повеќе главни ликови, така што имав осум актери во кадарот. Во тој филм многу играв со висока дијафрагма и на тој начин добивавме многу важна длабочина на сликата, така што кога сите се во кадарот – сите беа во фокус. Тоа е чудно во модерната филмографија, може да имате фокус на сите ликови на екранот. Со Алмодовар не зборувавме премногу за филмот. Си кажавме само две реченици. Се пронајдовме како разговараме за животот додека вечераме, не разговаравме за филмот. Најдовме добар начин на соработка. Тој ми кажува само по една реченица. Само ќе рече: ‘Сакам фокус врз цел екран’ и бидејќи и јас го имав искуството од снимањето на ‘Сите знаат’, му реков: ‘Да, и јас мислам дека треба да има фокус врз сите’. Потоа го подготвувавме филмот само за боите: боите на облеката, на сценографијата и ништо повеќе од тоа“, раскажа Алкаине. За кинематограферот, филмската нарација е неопходна за да се прочита филмот.

„За ова, многу е важен разговорот меѓу Франсоа Трифо и Хичкок. Хичкок вели дека два месеца пред да се почне со снимање тој веќе го снимил, се му е во главата. Тоа сигурно било вистина за неговите филмови, но филмот постојано се менува, тоа е флуиден процес и има свој живот, па може да тргне во еден правец или во друг. И затоа начинот на кој Хичкок размислува е невозможен. Тоа е начин на следење на редоследот на книгата на снимање, но јас сметам дека тоа не е начинот на кој треба да се прават филмовите. Мора да бидеме отворени за било што во текот на снимањето“, рече Алкаине. Според него, „може да видиме многу филмови кои се прекрасни за гледање, но фотографијата не ја раскажува приказна, дури оди во спротивност од самата нарација“.

Споредувајќи ја соработката со Алмодовар во неговите рани години и сега, Алкаине рече дека „има голема разлика затоа што во изминатите години и двајцата многу се смениле.“ „Јас и тој многу се променивме и полесно се разбираме сега отколку на почетокот. Особено кога имавме несогласувања. На почетокот, додека го снимавме ‘Жени на работ на нервен слом’, речиси не зборував со Алмодовар за светлото во филмот. Тој ми оставаше се мене, но откако ќе видеше ќе ми кажеше дали е добро или не и тогаш настануваше проблем. Боите што ги одбира Педро Алмодовар се многу тешки за да се прикажат на екран. Се скаравме за светлото кое требаше да ја прикаже зелената боја на прекривката на која седеше Бандерас. Бевме скарани повеќе од 16 години и не работев на филм со него. Тој не ме бараше, јас не го барав, се до 2004 година кога Естер Гарсија кој е директор на продукцијата на сите филмови на Алмодовар ме праша: Дали ти помина лутината? Нема да ти пречи да снимиш уште еден филм со Педро? И тогаш помислив дека 16 години се доволни да помине лутината и повторно работиме. Сега многу добро соработуваме“, раскажа Алкаине.

Разговор со Љупчо Константинов

На почетокот на денешниот разговор, кој го модерираше Стојан Синадинов, со еден од најеминентните македонски композитори на филмска и театарска музика, Љупчо Константинов, тој истакна дека се радува што гледа дека има заинтересирана публика за вакви манифестации, како фестивалот, и дека новиот технолошки развој не ја уништил уметноста. „Ме радува дека уште не е дојден крајот“, рече тој.

Зборуваше за улогата на музиката во едно филмско остварување и рече дека тој се води од тоа дека музиката почнува таму кадешто завршува зборот. „Се согласувам со она што го кажале и некои големи автори на филмската музика дека најтешко за композиторот е да дојде до темата и тоа одзема најмногу време“, рече Константинов, кој ја напишал музиката за филмови како „Среќна нова ’49“, „Тетовирање“, „Преку езерото“ и многу други.

„Работата со секој режисер е различна. Некој ме пушта јас самиот да поставам музиката, друг пак самиот одредува за која сцена сака музика. Иако тоа не функционира секогаш така, бидејќи музиката најавува дека нешто ќе се случи или е реминисценција на дејство или чувство“, посочи Константинов. Тој раскажуваше како некаде кон крајот на шеесеттите години, како младо момче се заинтересирал за музиката, во Охрид кога почнал да свири на гитара и кога го засакал и филмот.

„Човек мора постојано да се образува и надоградува, на младата генерација сега и’ многу полесно. Порано беше тешко да се дојде до партитура, а сега се’ е на интернет. Без оглед на се’, треба да се биде љубопитен и постојано да се експериментира“.

Во чест на Љупчо Константинов, годинашниот добитник на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ шти ја доделува ДФРМ, вечерва ќе биде прикажан филмот „Среќна нова’49“ во режија на Столе Попов.

Мастер клас на Џим Шеридан

Мастер клас денеска одржа и светски познатиот режисер, сценарист и продуцент, Џим Шеридан чии филмови се ремек делата „Моето лево стопало“ и „Во името на таткото“ .

На почетокот на разговорот кој го водеше Благој Куновски Доре, Шеридан, кој на фестивалот „Браќа Манаки“ пристигна во својство на претставник на Европската филмска академија (ЕФА) истакна дека е изненаден од сериозноста на начинот кој е организиран фестивалот. „Ја разгледував програмата и забележав дека многу голем дел од филмовите кои овде се селектирани да се прикажат се одлични“. Тој говореше и за неговиот филм „Во име на таткото“, кој е за тоа како политиката и црквата ги разделуваат семејствата.