Кружен тек кај мостот во Сарај

356

Скопје ќе добие кружен тек кај мостот во Сарај, поточно на раскрсницата на улицата „Ѓорче Петров“ и улицата „Сарај“. Градот Скопје веќе распиша јавен повик за избор на најповолна понуда од фирма за изготвување идеен сообраќен проект, чија проценета вредност е на 2 милиони денара.

Како што се наведува во тендерот, предмет на сообраќајната студија и на идејниот сообраќаен проект е вршење сообраќајни истражувања и анализи, како и изработка на микроскопска симулација на кружен тек на наведената раскрсница и јазол C01 со поврзување до обиколницата, вклучително и мост преку реката Вардар со траса според ГУП 2012-2022 година.

Дадени се две варијанти по слободен избор на проектантите: проектирање кружен тек на постојната крстосница помеѓу улицата „Ѓорче Петров“ и улицата „Сарај“, каде што во моментов функционираат семафори, и втората е раскрсницата на точка C01 со приклучување на постојниот пат до обиколницата, вклучително и мост преку реката Вардар со траса според  ГУП од 2012-2022 година.

Притоа студијата треба да опфати сообраќајна анализа и прогноза за плански период од 20 години и најмалку три временски пресеци, и тоа: базна година 2022, 10-та година 2032 и 20-та година 2042.

Наедно, потребно е да се прикажат двете варијанти и нивната имплементација од градежен, економски и од еколошки аспект, почетните трошоци, трошоците за одржување, трошоците за изместување инсталации, поставувањето инфраструктура потребна за функционирање не само на сообраќајницата туку и за околните градби и тоа во подготвителниот период, во текот на градбата и по изградбата.

(А.П.)