Кремљ ги намали очекувањата од новата средба меѓу Путин и Макрон

31

Кремљ ги намали очекувањата дека на денешната попладневна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и францускиот лидер Емануел Макрон во Москва ќе биде постигнат напредок во решавањето на украинската криза.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска средбата ја оцени за „многу важна“, јавија руските меидуми, но кажа и дека ситуацијата е „премногу комплицирана за да се направи одлучувачки потег“.

Макрон попладнево пристигна во Москва, а пред неговото доаѓање разговараше со американскиот претседател Џо Бајден.

„Двајцата лидери разговараа за актуелните дипломатски и други одвраќања како одговор на континуираното трупање руски војници на границата со Украина и ја потврдија својата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Макрон вчера разговараше со германскиот канцелар Олаф Шолц, кој денеска во Вашингтон ќе се сретне со Бајден, а ситуацијата во Украина ќе биде една од најважните теми на средбата.

Француските власти соопштија дека мислат дека Вашингтон создава премногу паника кога зборува за веројатноста за неизбежна инвазија.

-Геополитичката цел на Русија денеска очигледно не е Украина, туку да ги разјасни правилата за кохабитација со НАТО и ЕУ, изјави Макрон за „Журнал ду Диманш“ пред неговото патување за Русија, пренесоа британските медиуми.

„Нема да добиваме еднострани гестови, но важно е да се спречи влошување на ситуацијата пред да изградиме механизми и реципрочни гестови на доверба“, додаде тој за очекувањата од разговорите со Путин.

Песков рече дека Русија е свесна за целта на Макрон да ги намали тензиите, но додаде: „Ситуацијата е премногу сложена за да се очекуваат одлучувачки промени за време на една средба“.

Франција во моментов е на чело на ротирачкото претседателство со Советот на Европската унија, а Макрон во последните денови оствари три телефонски разговори со Путин.

Постојат стравувања дека Русија планира инвазија на соседна Украина, но Кремљ ги негира таквите планови. Многу експерти сметаат дека руската страна сака да поттикне страв од војна за НАТО да направи одредени отстапки на Русија, која побарала нови безбедносни гаранции во Европа од НАТО.