Координација во Собрание, дали и пратениците ќе работат од дома?

57
Како ќе се одвива работата во Собранието по откривањето во јавноста дека двајца пратеници се позитивни на Ковид-19 и имајќи предвид дека владејачките партии со нивното отсуство на пленарните седници немаат мнозинство, веројатно ќе се знае по денешната координативна средба со претседателот на Собранието Талат Џафери и со почетокот на седницата закажана за напладне.

Од Кабинетот на Џафери нема информации како ќе постапи тој имајќи го предвид ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека нема да и прават кворум на власта, и прашањето дали во Собранието ќе бидат пратеници од Алијансата на Албанците и Алтернатива.

Првата појасна слика за тоа како ќе се одвива работата во Собранието треба да даде исходот од средбата на координаторите на пратеничките групи со претседателот на парламентот Џафери, а на која се очекува да присуствува и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Позитивни на Ковид-19 се пратениците Лазе Таневски од СДСМ и Исмаил Јахоски од ДУИ. Таневски се тестирал бидејќи сакал да патува во странство, а Јахоски имал симптоми на Ковид-19 и беше хоспитализиран. По направените епидемиолошки анкети, од Центарот за јавно здравје информираа дека нема потреба од изолација на други пратеници, бидејќи мерките во Собранието се почитувале.

Собранието на Република Македонија денеска треба да го одржи продолжението на 15. седница на која на дневен ред се Предлог на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за итно справување со COVID-19 во Македонија, по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за заштита на укажувачи, на Законот за судските такси, на Законот за автокамповите и на Законот за скијалишта, сите во прво читање.