Карпошани се одлучија за „Партизан“, а не за нови згради

1370

Иницијативата за спас и обнова на „Партизан“, Општина Карпош ја започна на почетокот на 2019 година. Оттогаш се вложија сериозни напори за оваа спортска сала, која е дел од колективната меморија на скопјани да се врати во владение на општина Карпош, имајќи предвид дека со салата стопанисуваше приватен концесионер на несоодветен начин. По враќањето на „Партизан“ во владение на општината и со нејзината реконструкција, трајно се отстрани заканата на овој простор да „никнат“ нови згради

Најдоцна за две недели ќе почне реконструкцијата на спортската сала „Партизан“ во Карпош 4. На тендерот кој Агенцијата за млади и спорт го распиша во септември е избрана фирмата „Спектартермо“, со која е склучен договор вреден 75 милиони денари со вклучен ДДВ. Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт, вели дека со реконструкцијата нема да се менува изгледот на салата која е со површина од 1.617 квадратни метри.

Иницијативата за спас и обнова на „Партизан“, Општина Карпош ја започна на почетокот на 2019 година. Оттогаш се вложија сериозни напори за оваа спортска сала, која е дел од колективната меморија на скопјани да се врати во владение на општина Карпош, имајќи предвид дека со салата стопанисуваше приватен концесионер на несоодветен начин. По враќањето на „Партизан“ во владение на општината, трајно се отстрани заканата на овој простор да „никнат“ нови згради.

Локалната самоуправа во соработка со здружението „Културно Ехо“ спроведе анкета за избор на идејно решение за реконструкција на салата. Идејните проекти беа подготвени од домашни и странски млади архитекти на здружението, а изборот преку анкета го направија граѓаните на Карпош. Агенцијата за млади и спорт го подготви основниот проект, по што објави јавна набавка за избор на изведувач за реконструкција на салата.

Рокот на изведба на спортската сала е 18 месеци. Спортскиот објект е дело на архитектот Трајко Димитров, кој според првичната идеја требало да има два ката, но според добиените средства е реализирано приземје и еден кат. Во салата се играло одбојка, гимнастика, кошарка, борење, бокс, атлетика, слетови, ритмичко-спортска/модерна гимнастика, пинг-понг, стрелаштво и други спортски активности. Салата работела секој ден од 8 до 22 часот, со програма за сите возрасти, од деца од предучилишна возраст до највозрасната категорија.

Преку тогаш функционалното друштво „Партизан“, добар дел од рекреативните посетители на салата стануваат успешни професионални спортисти, освојувајќи голем број на медали, дипломи и плакети.

Покрај салата „Партизан“ треба да се гради базен. Мојсовски вели дека тендерот за базенот сè уште не е завршен.

– Претходно, тендерот беше поништен бидејќи цените наведени во него и добиените понуди, не соодветствуваа. Се јавија пет фирми со многу различни цени од наведената во тендерот, обелодени Мојсовски, додавајќи дека базенот ќе чини околу 43 милиони денари и ќе се гради паралелно со уште три затворени базени во Кавадарци, Чаир и Струмица. 

Тој информираше дека се работи за типски школски базен според светски стандарди кој ќе биде со должина од 25 метри, широчина од 8 до 9 метри и длабочина од 1,2 метри, а ќе биде со површина од 641 квадратен метар.

Базенот ќе го користат, пред сè, учениците од основните училишта во Карпош, во рамките на физичко образование, а по часовите, попладне ќе можат да го користат и заинтересирани граѓани.

(А.П.)