Камерите на „Орце Николов“ поставени, никако да „прогледаат“

88

Камерите на улицата „Орце Николов“, која се реконструираше, никако да профункционираат иако тие почнаа да се поставуваат уште пред две години, односно во мај 2021 година. Тогаш од Општина Центар и од ЈП ПОЦ беше ветено дека тие ќе бидат ставени во функција штом ќе заврши реконструкцијата на улицата. Таа заврши пред повеќе од една година, а камерите сè уште не проработеа.

Од Општина Центар велат дека камерите на улицата „ Орце Николов“ ќе проработат и ќе бидат ставени во функција во оној момент кога во целост ќе ги преземе ЈП ПОЦ и ќе ги имплементира сите одредби од Законот за заштита на личните податоци.

– Камерите се набавени од Општина Центар, со намера да му се предадат на ЈП „ПОЦ“. Камерите се наменети за снимање на паркинзите, пред сѐ од безбедносни и од практични причини. Процесот за префрлање на камерите во надлежност на ЈП „ПОЦ“ се забави поради административни процедури, но и поради поплаките од дел од жителите за наводно „снимање во спалните соби“. Општина Центар беше предмет на ревизија на целиот проект за снимање на паркинзите на улицата „Орце Николов“ и сето тоа го забави процесот – образложуваат од Општина Центар.

Во моментов се поставени вкупно 45 камери од двете страни по целата должина на улицата. Станува збор за пилот-проект и прв од ваков тип. Тоа е дел од проектот „Смарт сити“ на Град Скопје.

Камерите ќе служат за увид на состојбата со паркинг-местата, на апликација на ЈП ПОЦ ќе може да се види колку слободни паркинг-места има на располагање, а воедно, системот автоматски ќе препознава дали имате дозвола за паркирање на одреденото место, дали сте платиле билет за тој комерцијален паркинг, додека дневните паркинг-карти ќе се доставуваат на домашна адреса.

– Доколку се покаже дека дава резултати, проектот ќе се прошири и на други улици и други делови во Центар – потенцираат од Општина Центар.

(А.П.)