Повисоки сметки за вода на скопјани од 1 март 

126

Водата за пиење од скопскиот градски водовод од 1 март поскапува на 26,35 денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, вели дека ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје доставило барање до нив за зголемување, во просек, од 30 денари на сметките на месечно ниво.

– РКЕ, по направените анализи, даде предлог-цена, што на крајните сметки ќе значи зголемување од седум денари. Советот на Град Скопје треба да ја донесе конечната одлука – вели Бислимоски.

Станува збор за вонредна промена на тригодишната тарифа (регулиран период 2021-2023), период во кој не требаше да дојде до промена на цената на водата, односно да остане на 23,14 денари/м3.

Има промена и во цената на услугата за собирање и одведување на урбаните отпадни води, па така, од сегашните 13,25 денари/м3, од март ќе се наплаќаат 15 денари/м3. Има нова цена и за пречистувањето на отпадните води, која наместо 0,86, ќе чини 0,87 денари годинава. И овие две давачки се на товар на жителите на главниот град, со кои се формира конечната цена.

– При утврдување на просечната тарифа за водната услуга, снабдување со вода за пиење или водоснабдување, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги имаше предвид цената на водната услуга да не го надминува прагот на достапност, одреден на ниво од 3 отсто од просекот на вкупниот приход по домаќинство во подрачјето во кое се обезбедува водната услуга. Цената на водната услуга ги вклучува тарифата за водната услуга, надоместоците поврзани со користење на водите утврдени со Законот за водите или со друг закон, како и даноците утврдени со закон – се вели во образложението на Регулаторната комисија за енергетика, која го одобри новиот тарифник.

Кон крајот на минатата година, ЈП „Водовод и канализација“ достави барање до РКЕ за поскапување на услугите, и тоа до крајот на 2022 година да има зголемување на просечната цена на водната услуга снабдување со вода на 38,57 денари/м3, додека за оваа 2023 година да биде 38,81 денар/м3. Барањето за зголемување на цените на услугите од ЈП „Водовод и канализација“ го правдаа со зголемување на трошоците како резултат на енергетската криза.

Скопските домаќинства во моментов плаќаат 18,5 денари за потрошен кубик вода, додека останатите корисници – 49,5 денари/м3.

– Фактите покажуваат дека на национално ниво, имаме 60% загуба на вода. Што значи дека губиме непроценливо богатство поради отсуство на инвестиции. Советите отчетно и транспарентно да им објаснат на граѓаните каде се инвестира секој денар. РКЕ останува на ставот во целост да го преземе регулирањето во делот со цените на водите за да се зголемат инвестициите, подобри услугата и за да се регулираат вработувањата согласно со потребите – нагласува Бислимоски.

(С.Бл.)