Изложбата ,,Цртеж, Експериментален цртеж”, ќе биде отворена вечерва (25. април) во 20:00 часот, во куќата на доајенот на македонската ликовна уметност, сликарот Борко Лазески. Настанот ќе биде отворен од Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија. 
Друштвото на ликовни уметници на Македонија ја организира изложбата „Цртеж, Експриментален цртеж“ секоја година како дел од официјалната годишна програма. Изложбата оваа 2024 г. се организира по осми пат, што го покажува постојаниот интерес на современите уметници за изразување во ова специфично ликовно подрачје.
Изложбата има за цел да овозможи простор за презентација на дела каде границите на традиционалниот цртеж се поместуваат, повлекуваат и преобликуваат во нови изразни форми. Оваа изложба го слави иновативниот дух на уметниците кои се осмелуваат да ги предизвикаат конвенциите на медиумот, презентирајќи разновидна колекција на експериментални цртежи кои ги предизвикуваат очекувањата и ги повикуваат гледачите да откриваат нови можности на ликовна креација.
Во оваа ера на огромни можности на комуникација, уметниците постојано бараат свежи начини на изразување. Цртежот, со својата вродена едноставност и разноликост, служи како плодна почва за експериментирање. Од намерното обележување на моливот до спонтаните гестови на јаглен, секој потег на празната хартија е можност да се истражува, да се поставуваат прашања и користат нови материјали и техники.