И тетовските пожарникари секојдневно се борат со пожари во шумите и на отворено

21

Иако се помали по обем за разлика од големите пожари во источниот дел од земјата, тетовските пожарникари буквално секој ден гасат огнови кои се појавуваат на отворено и во шумските предели.

Претпладнево е интервенирано на пожар во близина на новото училиште во Мала Речица, а вчера пожарникарите гасеаа поголеми пожари на повеќе места.

-Во шумскиот предел над Мала Речица за еден час беше изгаснат помал пожар со две возила. Во текот на вчерашниот ден имаше поголеми пожари, со тн. огнени линии за кои ни требаат повеќе часови да се гасат. Интервенирано беше во Нераште, Тетовно и Радиовце. Сите беа локализирани и не беше дозволено да се прошират, вели командантот на пожарникарите Ука Алити.

Тој повторно ја потенцира потребата руралните општини да имаат луѓе кои би направиле првична интервенција се додека на пристигнат возилата на тетовската противпожарна единица.

-Таков беше примерот со Општина Брвеница чии вработени со мала интервенција ни помогнаа полесно и побргу да запреме поголеми пожари, рече Алити.

Во текот на летото во Тетовско изгоре неколку десетици хектари обработливо земјиште односно ниви со пченица.