И Стефковски не се нафаќа да ја деактивира „темпираната бомба“ во Ченто 

124

Зелените од Гази Баба го прозиваат градоначалникот Бобан Стефковски дека ветуваше, а сè уште не го има реализирано проектот за Домот на културата, попознат како Домче. Објектот беше во ветувањата и на ексградоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски. Но, и тој не најде чаре за напуштената и руинирана зграда, која е дувло на наркомани и бездомници, кои предизвикуваат страв кај населението.

Последниот случај во август годинава кога 7-годишно дете играјќи си со свој врсник во близина на руинираниот објект падна и се набоде на користена игла на шприц од зависник од дрога, го вклучи алармот конечно да се најде чаре за него. Жителите реагираа и до Стефковски да го реши чирот, кој со години зјае и е како темпирана бомба, а, згора на тоа, и е грда слика за околината.

Ниту муралот „Солидарноста е темел на иднината“, кој во рамки на годинашното отворање на АКТО – Фестивалот на современа уметност во 2020 година беше нацртан на објектот од Владимир Милиќ, не успеа да ги избрише стравувањата и лошата слика што ја оставаат остатоците од некогашниот Дом на културата. Ниту заложбите на „Културно ехо“ со организирање екоакција и дружба на локалната заедница да се обнови зградата, не вродија со плод.

Ветувања за обновување имаше, и сега ги има, но колку ќе се исполнат – останува да се види. Стефковски вели дека техничката документација е во завршна фаза и оти веќе сериозно се разгледуваат опции за изнаоѓање извори на финансирање со цел реализација на проектот. Тоа го потврди тоа и за весникот ВЕЧЕР.

– За Домот на културата во Ченто правиме проектна документација за реконструкција. Штом биде комплетна, заедно со финансиската конструкција ќе се пристапи кон изнаоѓање извори на финансирање за реализација на овој значаен проект – изјави Стефковски.

Што се однесува до реконструкцијата, тој не наведе што конкретно ќе опфати таа, туку истакна дека со проектната задача е предвидено објектот да ја има истата намена и не кажа колку ќе ја чини Општината овој зафат.

–  Откако ќе биде готов проектот, ќе знаеме и колку ќе чини. Не можеме однапред да предвидиме – дециден е Стефковски.

(А.П.)