И покрај правосилно решение за уривање, сопственикот и натаму гради!

691

Жители на Водно гневни на изградба на објект на улица „Владимир Назор“. Тие во изјава до весникот ВЕЧЕР посочуваат дека според планот за градење на таа парцела требало да се гради објект за домување од приземје и 2+1 кат, а покрај реакцијата и одлуката на инспекцијата за уривање на бесправно изграденото, била ставена уште една плоча. Тие забележуваат дека објектот во градба е опасност за околината и посочуваат на низа неправилности при изведување на градежните работи. Очекуваат да се огласи Обвинителството

Жители на Водно од улиците „Владимир Назор“ и „Кумровец“ се жалат на изградбата на уште еден сомнителен објект на оваа атрактивна локација велат дека иако има правосилно решение за уривање, сопственикот продолжува со градежни работи. Станува збор за станбена зграда што се гради на парцела 842 и со имотен лист 710 во сопственост на Друштво за земјоделство, сточарство, производство и промет „Прагматика“ од Гостивар.

Велат дека според планот за градење, на таа парцела требало да се гради објект за домување од приземје и 2+1 кат, а покрај реакцијата и одлуката на инспекцијата за уривање на бесправно изграденото, била ставена уште една плоча на „јуриш“.

– И покрај пријавите од граѓани до надлежните општински и државни институции, сопственикот продолжува да врши градежни работи, притоа знаејќи за постојното правосилно решение за рушење на истиот согласно Законот за градење, со што придонесува во Општина Центар да се изведува бесправно градење, како и дека жалбата не го одлага извршувањето на решението – се вели во изјавата на 31 жител од овие две улици, кои реакцијата со нивните потписи ја испратија до редакцијата на весникот ВЕЧЕР.

Тие забележуваат дека објектот во градба е опасност по околината и посочуваат на низа неправилности при изведување на градежните работи.

– Се узурпираат тротоари и дел од улиците се со смет, песок и градежни материјали. Градежен шут е расфрлан низ тротоарите на улиците „Владимир Назор“ и „Кумровец“, а шахтите во непосредна близина се полнат од расфрланиот песок. Објектот постојано се доградува под сомнителни околности со необезбедени работници со пропишана соодветна опрема за заштита при работа, ниту им е обезбеден соодветен санитарен објект – се вели во изјавата.

Оттаму тврдат дека за цело време на градбата немало и нема табла кој е инвеститор, проектант, надзор, изведувач на објектот, заради обезбедена транспарентност на градбата со број на одобрение за градба, со што остава сомнеж за необезбедени технички документи при градба на објект.

– Исто така, претходниот срушен објект беше со влез на улицата „Владимир Назор“ број 14, додека новиот влез на сомнителниот објект е на улица „Кумровец, што го потврдува самоволието на сопственикот. Габаритот на објектот ги поминува и тротоарите на двете улици, објектот нема простор за паркинг, на објектот се догради дополнителен кат во време на викенд што е пријавено во ПС „Центар“ – истакнуваат во изјавата.  

Потписниците на изјавата посочуваат дека веќе е почнато и со продажба на станови од зградата што претставува основ за соодветна пријава за сопственикот, согласно член 244-а од Кривичниот закон, како и тоа дека се користи вода и струја од објектот на улица „Владимир Назор“ број 16, што е спротивно на законски мерки за градба.

– За сето ова, известени се Општина Центар, Инспекторатот на општина Центар, Градот Скопје, Инспекторатот на Град Скопје, Министерството за транспорт и врски, Комисијата за пристап до информации од јавен карактер, Државната комисија за инспекциски надзор, како и писмена и усна пријава до ПЦ „Центар“ при МВР. Се надеваме дека ќе се огласи и Обвинителството – очекуваат потписниците на изјавата.

Инспекторатот на општина Центар на 9 мај годинава донел решение за запирање на градењето, на што сопственикот на објектот „Прагматика“ од Гостивар вложил жалба до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, од каде сè уште се немаат произнесено.

Од градежната фирма „Прагматика“ за весникот ВЕЧЕР потврдуваат дека жалбената постапка е во тек и дека во моментов се извршуваат внатрешни работи кои не се дел од таа постапка.

– Објектот ниту се надградува, ниту се доградува сè додека не заврши жалбената постапка. По завршување на жалбената процедура фирмата „Прагматика“ ќе постапи како ќе биде одлучено – децидни се од „Прагматика“.

Од општина Центар известуваат дека инвеститорот ДЗСППУ „Прагматика“ Гостивар поседува правосилно одобрение за градење УП1 бр.26-1344/2012 од 1.2.2019 за изградба на објект со намена А1 – Домување во станбени куќи, втора категорија, на улица „Владимир Назор“ бр. 14 на КП 842, КО Центар 2.

– Овластен градежен инспектор постапувајќи по службена должност, изврши вонреден инспекциски надзор на предметната локација и состави Записник на 06.05.2022 година при што за констатираните неправилности донесе Решение за прекин на изградба Ип1 бр.34-103 од 9.5.2022 година согласно член 133, став 1, алинеја 4, став 2 од Законот за градење, против кое инвеститорот  ДЗСППУ „Прагматика“ ДООЕЛ Гостивар вложи жалба до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка – се вели во известувањето.

Оттаму појаснуваат дека по донесување на Решение од Второстепената комисија, односно нивно одлучување по жалбената постапка, Овластен градежен инспектор ќе ја продолжи инспекциската постапка со носење на соодветни инспекциски акти и вршење на инспекциски дејствија согласно со законите.

 (С.Бл.)