За пречистителната станица на Скопје, ЕК одобри грант од 70 милиони евра

234

Македонија доби грант во вредност од 225,6 милиони евра од Европската комисија за поддршка на инфраструктурни и енергетски проекти. Како што објави ЕК, средствата се одобрени во рамки на инвестицискиот пакет од 3,2 милијарди евра за зајакнување на поврзаноста на Западен Балкан.

Вкупно 69,8 милиони евра од добиениот грант се наменети за изградба на пречистителната станица за отпадни води во скопско Трубарево, со што трајно ќе се реши третманот на отпадните води од Градот Скопје, ќе се намали загадувањето на реката Вардар и ќе се подигнат стандардите за заштита на животната средина.

Вкупната инвестициска вредност на проектот, кој е една од најголемите инвестиции за инфраструктурен проект за заштита на животната средина во земјава, изнесува 136,7 милиони евра, што значи дека половина од парите се веќе обезбедени. Овој проект му е ургентно потребен на Скопје, затоа што зголемувањето на населението, урбанизацијата и брзата индустријализација континуирано ја зголемуваат количината на непрочистени води што ги испуштаат домаќинствата и фирмите во Вардар.

Со проектот, ќе се зголеми и отпорноста на Скопје на климатските промени преку зајакнување на градскиот систем за третман на отпадни води во справување при екстремни временски непогоди.

Пречистителната станица, со која урбаните отпадни води ќе се третираат во согласност со стандардите на ЕУ, ќе опслужува над 500.000 жители во девет од десетте скопски општини.

Во моментов, Скопје е еден од неколкуте главни града во Европа кои немаат пречистителни станици за отпадни води.

Инаку, со поддршка на Европската Унија, за првпат во Република Македонија успешно беше завршена изградбата за пречистителни станици за отпадни води во Прилеп, Радовиш, Струмица и во Кичево, а со билатерална помош беа изградени и пречистителни станици за отпадни води во Гевгелија и во Кочани. Пречистителни станици за отпадни води ќе се градат и во Битола и во Тетово, а техничка документација за пречистителни станици има и за Велес и за Штип.

(С.Бл.)