За заштита од корона, купената облека наместо во бутик ќе ја пробуваме дома

Купувачите реагираат на новите корона правила на шопинг, според кој облеката не смее да се пробува во бутиците туку само дома. На овој начин, купувачите сметаат дека не само што ќе се спречи опасноста од ширење на заразата, туку напротив со неколкукратното одење во продавниците за да ја вратат или заменат купената облека ќе се зголеми ризикот од зараза. Исто така, тие реагираат на тоа што поголем дел од продавниците вршат само замена и не враќаат пари за купената облека

209

Нема веќе пробување на облека во бутиците и продавниците низ градот. Ова е едно од новите правила на шопингот кое има за цел да го спречи ширењето на  коронавирусот. Според оваа правило купената облека може да ја пробата дома и доколку не ви одговара да ја замените или да ја вратите. Вратената облека потоа оди во магацин се дезинфицира и повторно се враќа на гондолите за продажба.

Меѓутоа, поголем дел од потрошувачите сметаат дека на ваков начин нема да се спречи ширењето на заразата туку, напротив, со тоа што ќе треба да одат неколку пати во продавницата за да ја вратат или заменат купената облека ќе се зголеми ризикот од зараза. Исто така, потрошувачите реагираат на тоа што поголем дел од продавниците вршат само замена и не враќаат пари за купената облека.

-Согласно Законот за заштита на потрошувачи трговецот е должен да му ги врати парите на купувачот доколку производот го врати во рок од 15 дена и не најде друг вид производ кој му е потребен. Купувачот може да го врати производот доколку не му одговара по боја, изглед големина…Од друга страна, производот може да се врати само доколку е неоштетен, доколку не е носен и доколку ги има сите потребни етикети, вели за весникот ВЕЧЕР претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова.

Во врска со оваа нова мерка за купување на облека без да се проба до Организацијата на потрошувачи пристигнале многу електронски поплаки. За таа цел ОПМ направи анкета на која најголем дел, односно 62 отсто од испитаниците одговорија дека ризикот од зараза со ковид-19 од облека која била пробана од други потрошувачи ќе остане ист.

Лончар-Велкова вели дека поголем дел од потрошувачите сметаат дека одењето и враќањето во продавниците по неколку пати ќе придонесе за ширење на заразата.

– Откако ќе го вратите производот ќе земете некој што повторно нема да ви одговара и повторно ќе треба да чекате ред да го вратите итн. Поради тоа, потрошувачите сметаат дека неколкукратно одење и враќање во продавниците може да придонесе во ширење на заразата. Од друга страна и во продавници во кој е дозволено пробување купената облека може да се врати и да ви се вратат парите, вели претседателката на ОПМ.

Таа додава дека оние продавници кои продаваат брендирана гардероба мораат да ги следат правилата за заштита од корона вирусот на брендовите чија облека ја продаваат.

Според податоците од анкетата дури 55 отсто од испитаниците сметаат дека ќе се зголеми ризикот од зараза со ковид-19 поради неколкукратно одење/враќање во трговските центри, со цел да се најде облека која им одговара, а 52 отсто сметаат дека ќе се усложни постапката за враќање на парите што ги потрошиле доколку не најдат облека со која би ја замениле купената облека.

Дека ќе се создаваат дополнителни редици во продавниците за замена на купената облека сметаат 49 отсто од испитаниците. Само 16 отсто од испитаниците сметаат дека ќе се намали ризикот од зараза со ковид-19 од облека која била пробана од други потрошувачи.

(А.С.)