Ерменецот Агоп ја изградил Арапска куќа за својата сакана Агавни

1172

Можеби не сте знаеле, но Арапска куќа, подоцна преуредена во хотел „Јадран“ во центарот на Скопје, била сведок на една голема љубов. Гордана Јанакиевска, туризмолог во пензија и претседател на здружението „Кинг Марко ленд“, ја раскажува градската легенда според која Ерменецот Агоп Дикиџијан ја изградил оваа вила како подарок за својата невеста Агавни.

– Според мене, оваа зграда проткаена со своја мала романтична сторија, која оживува во фантазијата на секој минувач, заслужува да ја зачува и својата внатрешна оригиналност, и потсетува на некогашните романтични времиња. Верувам дека секој гостин посетител, при престојот, би сакал да го почувствува времето на една романтична љубов – смета Јанакиевска

Можеби не сте знаеле, но Арапска куќа, подоцна преуредена во хотел „Јадран“ во центарот на Скопје, била сведок на една голема љубов. Гордана Јанакиевска, туризмолог во пензија и претседател на здружението „Кинг Марко ленд“, ја раскажува градската легенда според која Ерменецот Агоп Дикиџијан ја изградил оваа вила како подарок за својата невеста Агавни.

– Градбата е завршена во 1938 година, а како посебен детаљ се издвојува една резба на вратата од интимните простории со ликот на неговата сакана Агавни. Овој објект заслужено го добива статусот културно наследство на Градот Скопје. Видливите фасади на оваа зграда се изведени во декоративна пластика. На фронтот кон улицата, објектот има богато декорирани балкони со карактеристични капители на столбовите, додека на оградите се забележуваат специфични геометриски шари, често применувани во исламската архитектура, изведени раскошно, со големи простории, разнобојни мермери, убави и скапи фигурини и скулптури поставени наоколу – наведува Јанакиевска.

Таа додава дека објектот наместо типичен покрив, има две кули и рамен покрив обиколен со запчеста завршница во форма на крести.

– Во задниот дел, градбата имаше раскошна бавча со кована ограда. Овие карактеристики го сместуваат објектот во стил што се појавува во 19 век, арапско-маварската архитектура од Северна Африка и Шпанија. На Балканот, најпрвин го вовела австроунгарската власт на териториите на Босна и Херцеговина. Потоа се појавуваат во Хрватска, па дури и во Битола. Таа е дело на архитектот Иван Артемушкин, руски имигрант кој имал техничко биро во Скопје и проектирал голем број станбени објекти во градот – потенцира Јанакиевска.

Агоп умрел и „Арапска куќа“ била конфискувана поради тоа што тој немал потомци. Агавни заминала за Марсеј и никогаш повторно не се вратила во Скопје. Наредните години, таа била во сопственост на Рустем-бег и неговата жена Рустикана Натали, а потоа, одреден период, во неа живеел Димитар Влахов, за на крајот, во 60-тите, да премине во рацете на „Македонија турист“, добивајќи со тоа нова намена и ново име  – хотел „Јадран“.

– За жал, денес е во состојба на мирување. Според мене, оваа зграда проткаена со своја мала романтична сторија, која оживува во фантазијата на секој минувач, подготвен да верува во неа макар била и само легенда, заслужува да ја зачува и својата внатрешна оригиналност, и потсетува на некогашните романтични времиња. Верувам дека секој гостин посетител, при престојот, би сакал да го почувствува времето на една романтична љубов – смета Јанакиевска.

(А.П.)