Едноставно, не смеев да му дозволам да си замине

88

Првиот човек на каталонскиот гигант Барселона, Жозеп Марија Бартомеу, најпосле си ја олесни душата и тоа со изјавата дека едноставно, не смеел да му дозволи на Лионел Меси да си замине од „Ноу Камп“. За време на гостувањето во каталонската телевизија „ТВ3“, претседателот на Барса изјави дека на него и на целата управа треба да им се честита затоа што го задржале капитенот во клупската соблекувална најмалку уште една сезона.

  • Не сакам да се расправам со Меси. Тој е нашиот капитен, тој е лидер на тимот. Не можев да му дозволам да си замине од „Ноу Камп“. Лео е најдобриот фудбалер на Барселона, тој е најдобриот играч во фудбалската историја. Ние се уште имаме потреба од неговите услуги. Ако го имате Меси во своите редови, тогаш тоа е гаранција дека ќе успеете. Сите видовме како се однесува на зелениот терен и веќе не размислуваме на таа тема околу неговото можно заминување. Треба да си честитаме затоа што успеавме да го задржиме во нашите редови и поради тоа како се однесува во последните неколку дена. Најдобриот фудбалер на светот треба да игра за Барселона, изјави Бартомеу.

На крајот од интервјуто, претседателот на вицешампионот на Шпанија откри дека клупските челници ќе продолжат со составување на најдобриот можен тим, но додаде дека има уште многу проблеми кои мора да бидат решени.

  • Управата и јас ќе продолжиме со напорната работа, ќе продолжиме со изградбата на најдобриот можен тим. Никој нема да се предаде. Клубот нема да застане, ќе продолжиме со напорната работа, но има уште многу проблеми кои мора да ги решиме што е можно побрзо, додаде Бартомеу.

Пред нешто повеќе од две недели, аргентинскиот интернационалец испрати јасна порака до клупските челници дека сака да си замине од „Ноу Камп“, но неколку дена подоцна, Меси изјави дека ќе остане во редовите на Барселона затоа што не сака својата слобода да ја обезбеди со помош на судските органи.

За време на ексклузивното интервју кое го даде за „goal.com“, Меси објасни дека никогаш нема да го тужи клубот кој живот му значи, но не откри дали ќе остане во Барселона и по завршувањето на актуелната сезона. Аргентинецот има договор со Барса до 30. јуни 2021 година и тогаш може да си замине без никакво обештетување.