Најпријатното изненадување во НБА лигата за оваа сезона е секако словенечкиот вундеркинг Лука Дончиќ. Тој ја прослави титулата за најдобар играч на Западната конференција во ноември со нова партија за аналите на најсилната лига во светот.

Словенецот овој пат го предводеше Далас до победа против Њу Орлеанс (118:97) со 33 поени и 18 скокови, што е негов личен рекорд во најсилното клупско кошаркарско натпреварување. Тој исто така имаше и пет асистенции, а на Дончиќ за овој подвиг му беа потребни само 28 и пол минути.

Со тоа Лука беше најдобар играч во осмата победа на Далас на последните девет натпревари, поради што уште еднаш влезе во историјата на НБА. Имено, со споменатите 33 поени тој дојде до бројката од 600 поени во најсилната лига. Пред него, единствен играч на кого му тргнало од рака под 21 година е Леброн Џејмс.

На еден од најдобрите играчи во историјата, Дончиќ му се придружи и по друга стратистичка категорија. Со 33 поени против „Пеликаните“, Словенецот дојде до просек од 30.7 поени по натпревар по првите 20 одиграни натпревари во сезоната. Со тоа го израмни рекордот во НБА лигата што го имаше Леброн кога станува збор за просечна ефикасност по првите 20 натпревари во една сезона за играч под 20 години. Пред Дончиќ, Џејмс беше на чело од 2005/2006 година и единствениот кому му успеало тоа.

Покрај тоа што стана само втор член во клубот „600“ по 20 години, Дончиќ стана и втор играч во историјата на НБА под 21 година по Џон Дру кој постигнал најмалку 33 поени, 18 скокови и пет асистенции.

Резултати: Кливленд – Детроит 94:127, Вашингтон – Орландо 120:127, Њу Орлеанс – Далас 97:118, Торонто – Мајами 110:121 (по прод.), Сан Антонио – Хјустон 135:133, Денвер – ЛА Лејкерс 96:105, ЛА Клиперс – Портланд 117:97.