Долу ни се децата, живи се, но не можеме да стигнеме до нив!

Апокалиптични сцени од Турција и Сирија по разорниот земјотрес, кој во вчера, во раните утрински часови буквално направи пустош и илјадници семејства зароби во тага и болка. Ројтерс објави шокантна снимка од Хатај, на границата на Турција со Сирија, во која доброволци им помагаат на спасувачите. На неа се гледа маж како стои пред урнатините и ја слуша жената, која е закопана, викајќи „Помош!“, додека удира во нешто метално, за мажот да ја слушне. Во текот на ноќта од урнатините е извлечено мало девојче во пижами. Нејзините први зборови беа: „Каде е мајка ми?“. На Твитер се прошири фотографија од девојче во Сирија, кое со рака ја штити главата на своето братче под урнатините и со насмевка ги пречекува спасувачите. Според последните информации, во серијата земјотреси во Турција и Сирија загинаа повеќе од 5.000 луѓе, а повеќе од 20.000 се повредени. За жал, бројот не е конечен! Ситуацијата на терен дополнително ја влошија афтершоковите со високи магнитуди, кои доведоа до нови уривања на згради.

262

Апокалиптични сцени од Турција и Сирија по разорниот земјотрес, кој вчера во раните утрински часови буквално направи пустош и илјадници семејства, зароби во тага и болка. Додека двете земји сè уште се борат да спасат што може да се спаси, светот се мобилизира за да помогне со сите расположливи ресурси. Спасувачи од целиот свет ги пребаруваат урнатините со надеж дека ќе најдат уште преживеани. Сепак, тешките временски услови, ниските температури и ризикот од хипотермија, ги отежнуваат спасувачките операции. Добри вести пристигнаа од Малатија, каде што беше спасено тригодишно момче, кое 22 часа било заробено во уништената зграда. Тешко повредените се пренесени во најблиските болници, кои самите претрпеа огромни штети, а според последните информации, во серијата земјотреси во Турција и Сирија загинаа повеќе од 5.000 луѓе, а повеќе од 20.000 се повредени. За жал, бројот не е конечен! Ситуацијата на терен дополнително ја влошија афтершоковите со високи магнитуди, кои доведоа до нови уривања на згради, што им создаде нови проблеми на спасувачите. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи тримесечна вонредна состојба во 10 југоисточни провинции погодени од катастрофалниот земјотрес.

 -Одлучивме да прогласиме вонредна состојба за да се осигуриме дека нашата (спасувачка и закрепнувачка) операција може да се изврши брзо, рече Ердоган во телевизиско обраќање.

Каде е мајка ми?

Ројтерс објави шокантна снимка од Хатај, на границата на Турција со Сирија, во која доброволци им помагаат на спасувачите. На неа се гледа маж како стои пред урнатините и ја слуша жената, која е закопана, викајќи „Помош!“, додека удира во нешто метално, за мажот да ја слушне.

– Слушајте, ни викаат, закопани се, ни викаат да им помогнеме, но никој не доаѓа. Живи се, но не можеме да ги извлечеме. Видете, мајка ми и татко ми се во оваа пропадната зграда. Не можам да дојдам до нив. Како да ги спасиме? Никој не е дојден од сабајле. Ни викаат, слушајте ги – вели Дениз, кој плаче затоа што не може да стигне до преживеаните.

Во текот на ноќта од урнатините е извлечено мало девојче во пижами. Нејзините први зборови беа: „Каде е мајка ми?“.

– Децата ни се тука, што да правиме? Погледнете ја оваа зграда, половина е урната, ризикуваме сè за да се урне врз нас. Но, што да правиме? Па нè викаат, тоа се наши деца, вели еден очаен родител.

На Твитер се прошири фотографија од девојче во Сирија, кое со рака ја штити главата на своето братче под урнатините и со насмевка ги пречекува спасувачите.

Бројки кои ја смрзнуваат крвта: Турција се тресеше повеќе од 450 пати

Бројот на загинатите во двата разорни земјотреси, што во вчера ги погодија јужна Турција и северозападна Сирија, се искачи на повеќе од 5.000, а десетици илјади се повредени. Земјотресите оставија илјадници луѓе без покрив над глава, додека цели станбени блокови беа срамнети со земја. Според последните проценки, од катастрофалниот земјотрес вчера до денеска турската почва се тресела дури 450 пати, а дури 31 земјотрес биле посилни од пет степени според Рихтеровата скала.

Првиот земјотрес со јачина од 7,8 степени, според Рихтеровата скала, се случи во провинцијата Кахраманмарасу на југоисток, на околу 60 километри воздушна линија од границата со Сирија. Следеа десетици послаби земјотреси, а попладнето исто така на југоистокот на Турција се случи уште еден, со јачина од 7,5 степени.

Земјата се тресеше и утрово. Првиот потрес беше 5,6 степени, а вториот што се случи околу 8:50 часот беше 5,7 степени според Рихтеровата скала.

Според податоците на Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ), вчера и утрово во Турција и Сирија се регистрирани повеќе од 450 земјотреси. Од нив, 31 биле поголеми од пет степени според Рихтеровата скала, а 183 биле посилни од четири степени. Дури пет регистрирани земјотреси биле посилни од шест степени, според Рихтеровата скала.

Урнати 5.775 згради, земјотресот најсилен од 1939 година

Турција распореди повеќе од 24.400 луѓе за потрага и спасување на погодените од земјотресот, а владата потврди дека се урнати 5.775 згради, а оштетени се над 11.000 згради. Според владините податоци, 13,5 милиони луѓе во Турција се директно погодени од катастрофалниот земјотрес. Претставник на турската агенција за управување со катастрофи, Орхан Татар рече дека зимските услови го отежнуваат распоредувањето на повеќе луѓе на терен, каде што се оперира со 55 хеликоптери за итни случаи, а 85 камиони им делат храна на настраданите. Температурите во текот на ноќта во градот Газијантеп, погоден од земјотресот, паднаа на минус 5 Целзиусови степени.

Обединетите нации соопштија дека земјотресот со јачина од 7,8 степени, според Рихтеровата скала, што ја погоди Турција, е најсилниот во таа држава во повеќе од 80 години.

-Ова е најсилниот земјотрес регистриран во Турција од 1939 година, се вели во извештајот објавен од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (UNOCHA). Светската здравствена организација вчера соопшти дека околу 23 милиони луѓе би можеле да бидат погодени од земјотресите што ги потресоа југоисточна Турција и северна Сирија.

-Мапите на локацијата на земјотресот покажуваат дека 23 милиони луѓе се потенцијално загрозени, вклучително и околу пет милиони ранливи луѓе, рече претставникот на СЗО, Аделхајд Маршанг и вети долгорочна поддршка по првото испраќање итна помош.

-Ќе работиме со сите партнери за да ги поддржиме властите во Турција и Сирија во критичните часови и денови што следуваат, како и во месеците и годините што следуваат, додека двете земји закрепнуваат и обновуваат, изјави таа и порача дека СЗО ја активирала својата мрежа на тимови за итна медицинска помош со цел да се обезбеди основна здравствена заштита на повредените и најзагрозените.

Сеизмолозите велат дека земјотресот со сила од 7,8 степени, според Рихтеровата скала, што ги погоди Турција и Сирија веројатно ќе биде еден од најсмртоносните оваа деценија. Во просек, секоја година има помалку од 20 земјотреси со јачина од 7 степени, што го прави овој потрес тежок. Само два од најсмртоносните земјотреси од 2013 до 2022 година беа со иста јачина како земјотресот во понеделникот. (В.С.Н.)

 

Сеизмолог го снимил звукот на разорниот земјотрес во Турција: „Имаше моќ од 130 атомски бомби“

Хамдула Ливаоглу, сеизмолог од Универзитетот Коџаели во Турција, го снимил звукот на силниот земјотрес кој ги погоди Турција и Сирија.

-Човечкото уво не може да слушне фреквенции пониски од 20 Hz. Фреквенциите на сигналите за земјотрес се исто така обично помали од 20 Hz. За да се претвори земјотресот во звук, брзините на бендовите на сигналот за земјотресот што го снимаат сеизмометрите се зголемуваат во зависност од земање примероци. Така фреквентната содржина е подигната до прагови што може да ги слушне човечкото уво, објасни тој.

Турскиот геофизички инженер Овѓун Ахмет Ерџан, како што објави Хуриет, соопшти дека јачината на земјотресот што се случи во Кахраманмараш изнесува 130 атомски бомби.

-Земјотресот беше со јачина од 7,7 степени и јачина од приближно 130 атомски бомби траеше 43 секунди, објави тој.