Две претстави вечерва во рамки на МОТ

56

Во рамки на програмата на 46. МОТ, денес, 5 декември ќе се изведат две претстави во МКЦ.

Првата е „Три“ во режија на Јован Ристовски, а во продукција на „АТО“ од Битола што ќе се одигра во салата Фросина (13 часот). Станува збор за првата професионална детска претстава на знаковен јазик за глувонеми и наглуви лица. Во претставата актерите зборуваат говорно и паралелно на знаковен јазик. Наменета е за широката детска публика. Претставата е со дидактички карактер во кој децата во интеракција со актерите ја изучуваат азбуката на знаковниот јазик. Главната тема е современата еко-катастрофа, која ѝ се заканува на нашата планета. Трите самовили Розе, Лила и Синка, кои ја совладуваат јазичната бариера помеѓу јазикот на тишината и говорниот јазик на Sвонко Бонбонко се спријателуваат и заедно се обидуваат да го исчистат расфрланото ѓубре што го има насекаде. Нивната мисија е да го сортираат ѓубрето и да го складираат во соодветните корпи за рециклирање отпадок со цел за да живееме во здрава средина со чист воздух, чиста вода за пиење и чиста земја за одгледување здрава храна….

Втората претстава, пак е „Шапка, анус, чоколадо и уште нешто“ во режија на Ана Батева, која е во продукција на Златен Елец, Спам студиос. Таа ќе се одигра во салата 25 Мај (МКЦ) со почеток од 20 часот.

„И дојде ден кога човекот сфати дека животот одамна не е како на филм. Тој ден човек беше принуден да се соочи со реалноста, да ја прегрне лагата за неговиот живот и да продолжи напред. Тој ден човек ги прифати сите негови стравови и со насмевка се соочи со смртта. Тогаш се препушти на инстинктите и даде старт на нов свет, со свои правила и принципи. Тогаш смислата доби ново значење, а волјата за живот стана водилка. Така група артисти се качија на сцената и со песна и хумор му се спротивставија на апсурдот….“, се вели во најавата за преставата.