Гранде одлуки во СДСМ и Алтернатива, ќе тргнеме напред или назад?!

Ќе има ли конечно решение на политичката криза во земјава? Тридневната жалост во Македонија по тешката сообраќајна несреќа што се случи во Бугарија, го одложи разрешувањето на јазолот на домашната политичка сцена, па наместо во вторникот, за најавените гранде одлуки и во СДСМ и во Алтернатива се одлучува вечерва.

557

Ќе има ли конечно решение на политичката криза во земјава? Тридневната жалост во Македонија по тешката сообраќајна несреќа што се случи во Бугарија, го одложи разрешувањето на јазолот на домашната политичка сцена, па наместо во вторникот, за најавените гранде одлуки и во СДСМ и во Алтернатива се одлучува вечерва. По локалните избори, на кои победи опозицијата, предводена од најголемата македонска парламентарна партија ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Зоран Заев најави оставка и од лидерската позиција во СДСМ и од премиерската функција. За таа цел за вечерва е најавено одржувањето на централниот одбор на партијата.

Заев најави дека ќе поднесе оставка, по што може да почне и процесот за избор на нов лидер, односно треба да се распишат вонредни избори, најдоцна во рок од 15 дена од денот на престанок на функцијата. Кој ќе го наследи Заев на „Бихаќка“ не се открива, но изминативе денови во етер се обелоденија неколку имиња, меѓу кои на актуелниот заменик-министер за финансии Димитар Ковачевски, екс градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски, како и на  актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

Извори од СДСМ, за весникот ВЕЧЕР велат дека се очекува да има две до три кандидатури, но имињата не се откриваат. Според статутот на СДСМ за претседател може да се кандидира секој член со најмалку пет години работа во партијата и со поминат најмалку еден мандат како член на Централниот одбор со право на глас.

За доцна вечерва и Алтернатива закажа седница на централното претседателство на која треба да одлучи дали  ќе премине од опозицијата во редовите на власта и ќе ја реши политичката криза. Африм Гаши, претседателот на оваа партија во денешното интервју за „Политика“ ги посочи принципите кои имаат одлучувачка улога во донесувањето на  одлуката важна за Македонија.

„Не би рекол дека Алтернативата сега стана политички фактор во Република Северна Македонија. Заедно со нашите четворица пратеници, од формирањето на ова парламентарно мнозинство, ние сме важен актер на политичката сцена. Секако, нашата улога стана позначајна со последните настани, кога бројките не овозможија ново мнозинство, ниту нормално функционирање на собранието, ниту пак нови парламентарни избори. Искрено, не сум задоволен од оваа позиција, бидејќи бевме и сè уште сме посветени на опозициските активности, со јасен однос кон ова парламентарно мнозинство и оваа влада. Тоа го докажува нашата посветеност за покренување иницијатива за гласање недоверба на Владата. Сепак, недостигот на еден глас повеќе на пратеник, ја втурна земјата во длабока политичка криза, кога се наѕира можноста за почеток на преговори за членство во ЕУ“, вели Гаши и додава дека Алтернатива ќе се води од очекувањата на нивните  гласачи, интересите на Албанците во  Македонија, како и државните интереси кои се тесно поврзани со  партиските и национални цели.

„Ако СДСМ и ДУИ сакаат само четири пратенички гласови, а не сакаат нашите програмски определби да бидат ставени во владината програма и ако не се подготвени да воспостават рамнотежа меѓу политичките актери на власт, ние немаме посебен интерес да влеземе во таа влада“, вели Гаши.  

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека органите на СДСМ на седниците на Централниот и Извршниот одбор ќе одлучуваат како понатаму ќе функционира СДСМ, но нема да ги коментира нивните одлуки затоа што, рече, тоа е нивна работа.

„Прво треба да се коригираат однатре, па потоа да најдат луѓе кои ќе испорачуваат работа затоа што на Македонија и е потребна квалитетна СДСМ, а не СДСМ која ќе биде посветена на лоповлук, измами, предавства“,  изјави вчера Мицкоски потенцирајќи дека по оставката на лидерот на партијата и премиер Зоран Заев не очекува промени во власта од, како што рече, „овие луѓе кои се таму во моментов“.

„Ако тие продолжат и натаму да менаџираат со политичката партија СДСМ не очекувам, бидејќи Зоран Заев ќе си замине, условно кажано заевизмот ќе остане. Претпоставувам се обидува да најде некој пион кој ќе го продолжи неговиот лик и дело, и во Владата, и во СДСМ. Таму треба суштински да се сменат работите, но нема да навлегувам во дополнителни коментари и тие најдобро знаат како понатаму треба да функционираат. ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на испорака на она што им е ветено на граѓаните“, изјави денеска Мицкоски.

(В.М.Б.)