Градежните активности во ОУ „Димитар Македонски“ главна тема на работниот состанок  

150

Градежните активности во основното училиште „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче биле главна тема на денешниот работен состанок на градоначалникот  Златко Марин со заменик-министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска, што се одржа во просториите на Општина Аеродром.

Министерката Наумовска информираше оти новото училиште е со површина од 2. 840 квадратни метри и со капацитет од 700 ученици организирани во две смени и ќе биде опремено со најсовремени кабинети, простории за дневен престој, кујна и простории за наставниците.

-Оваа година наш главен фокус е подобрување на условите во образованието, спортот и грижата за младите“-изјави градоначалникот Марин и  ја запозна министерката со планираните активности од областа на образованието за оваа година.

Општина Аеродром планира проширување на капацитетот на училиштето „Лазо Ангеловски“ со четири нови училници, реконструкција на спортската сала во ООУ „Димитар Македонски“, санирање на објектите на училиштата и градинките, изградба на лифтови за деца со посебни потреби во две училишта, како и набавка на смарт-табли и друга современа ИКТ-опрема за сите училишта, спортска облека за учениците од спортските клубови во сите училишта и нова опрема за спортските сали.