Во август ќе се гради втората велосипедска патека на Водно

102

Како што информираат од Градот, новата „downhill flow“ (надолна)  велосипедска патека  ќе биде со должина од околу 3.600 метри, и таа нема да ја нарушува природната средина бидејќи ќе ја следи природната конфигурација на теренот. Самата патека спаѓа во таканаречената семејна категорија или безбедна за употреба од страна на сите генерации. Исто како и на првата Пионерска патека, којашто е наменета за нагорно движење, ќе биде поставена соодветна сигнализација, со цел да се означи нејзината намена и насока на движење

Во август ќе започне изградбата на втората планинска велосипедска патека во рамките на проектот „Велосипедски парк Водно“. Патеката ќе ја изведува фирмата „Алианс АСЕ“ од Љубљана, Словенија, експерти за планински велосипедизам со 10-годишно искуство кои работеле на вакви патеки во над 50 дестинации низ светот.

Тендерот за проектирање и изведба на велосипедски патеки во рамките на Туристичко-рекреативниот центар „Водно“, поточно за дизајн и изведба на  „downhill flow” велосипедска патека Средно Водно, Градот го распиша во мај годинава.

Како што информираат од Градот, новата „downhill flow“ (надолна)  велосипедска патека  ќе биде со должина од околу 3.600 метри, и таа нема да ја нарушува природната средина бидејќи ќе ја следи природната конфигурација на теренот.

-Самата патека спаѓа во таканаречената семејна категорија или безбедна за користење од сите генерации. Исто како и на првата Пионерска патека, којашто е наменета за нагорно движење, ќе биде поставена соодветна сигнализација, со цел да се означи нејзината намена и насока на движење – објаснуваат градските власти.

Првата нагорна пионерска планинска велопатека на Водно, Градот ја пушти во употреба лани на 3 октомври, како дел од проектот „Велосипедски парк Водно“.

-Откако лани во октомври беше пуштена во употреба нагорната патека, сега ќе се изведе и надолна, со што велосипедистите ќе можат да се качат до Средно Водно и да се симнат без да имаат контакт со пешаците. Целта на овие патеки е да ја зголеми пристапноста од една, но и да ја зголеми и безбедноста за корисниците на Водно од друга страна, бидејќи во минатото често пати имавме несреќи и конфликти помеѓу велосипедистите и пешаците кои ги користеа истите патеки и рути, а со двете нови патеки тие се целосно разделени – потенцираат од Градот. 

Оттаму најавуваат дека во иднина предвидуваат изведба на уште неколку патеки од сличен тип во делот помеѓу Средно Водно и врвот Крстовар.

(А.П.)