„Квалитетната литература за деца мора да понуди совршен баланс на текстот и илустрацијата. Моето мото е постојано да ја „бркам“ таа совршеност, иако сметам дека сè уште не сум ја „фатила“ и дека тоа бара континуирана работа, сериозно партнерство со илустраторот, труд, истражување, читање, купување книги, снимање цртежчиња по фолдерчиња, трагање по инспирација, паѓање и станување, нурнување и извишување кон облаците… Сме виделе многу книги за деца каде текстот е прекрасен, а им недостига убава илустрација, но и обратно – прекрасно илустрирани сликовници со штур или непоетичен текст“, вели за весникот ВЕЧЕР Билјана Црвенковска, уредничка на издавачката куќа „Чудна шума“, која на Саемот на книга, освои шест од наградите кои МАИ традиционално ги доделува за најдобри изданија меѓу два саема

 

Црвенковска е писателка, сценаристка, преведувачка, која јавноста ја препознава по приказните од „Светот на Биби“, како и по романите за деца „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“, „Што сонуваше Дедо Мраз“ и наградениот за најкреативно издание „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“. Долгогодишното искуство во издаваштвото како уредник, а сега и како уредник во сопствената издавачка куќа ѝ покажало дека совршениот баланс на текстот и илустрацијата е показател за квалитетна литература, правило кое не важи само за литературата за деца. „Кориците на книгите (романи, збирки раскази, поезија) се оние кои треба да раскажуваат своја приказна, оти тие се огледалото на текстот од книгата. Тие први допираат до читателот. Корицата мора да те плени за да посакаш да ја отвориш таа книга“.

Верувам дека многу од писателите ја сфатија сериозноста на предизвикот да се твори за деца. Сега е време сиот тој креативен потенцијал да се канализира и да се претвори во еден вистински нов бран на книжевност за деца во Македонија.

„Чудна шума“ е релативно млада издавачка куќа, која многу вешто „се снајде“ во периодот на карантинот и пандемијата нудејќи им совршено прибежиште, неограничен креативен простор за слободно изразување на бројни автори кои продефилираа низ виртуелните страници на бесплатно  електронското списание за деца. Како го објаснувате креативното будење во периодот на реален и ментален карантин?

Идејата за е-списанието „Чудна шума“ се роди многу пред карантинот, поради тоа што чувствуваме потреба да направиме бесплатно книжевно списание за деца, кое ќе има фокус пред сè на модерната литература за деца (првенствено домашна), но и на негувањето на јазикот и поттикнување на желбата за читање кај децата од различни возрасти. Сакавме да почнеме кон крајот на април или во мај, но пандемијата и ситуацијата во која се најдоа децата, затворени дома, нè забрза да почнеме порано. Почнавме да пишуваме, ние неколкумина: Ванчо Полазаревски, Ана Голејшка-Џикова, Петар Андоновски, кој имаше напишано неколку песни за деца, и јас. Потоа се приклучи Владимир Лукаш и уште неколку автори, останатите го забележаа тоа и почнаа да ми праќаат песни, илустраторите се вклучија со свои илустрации, ме радуваше што почнаа да пишуваат за деца и оние од кои не го очекував тоа, ха, ха. Во секој случај беше прекрасно и инспиративно, верувам дека многу од писателите ја сфатија сериозноста на предизвикот да се твори за деца. Сега е време сиот тој креативен потенцијал да се канализира и да се претвори во еден вистински нов бран на книжевност за деца во Македонија.

Како влијаеше овој период врз Вас лично како автор?

Пандемијата и карантинот влијаеја многу на мене како личност, пред сè, ме турнаа во некоја чудна психолошка и емотивна состојба која ми е тешко да ја објаснам со неколку зборови. Но, морам да спомнам дека истата таа состојба, која не беше толку добра за мене како личност, беше многу плодна за мене како авторка. Некаде во тие мрачни карантински состојби го почнав и го пишувам мојот втор роман за возрасни „Куќа над брановите“, кој би требало да излезе кон крајот на годината. Еден епистоларен жанровски експеримент (обожавам жанровски миксови и експерименти), кој се надевам дека ќе биде и поуспешен од претходниот, „Девет приказни за госпоѓица Сит“.

Во која насока ќе се движи „Чудна шума“ во иднина?

„Чудна шума“ засега мислам дека добро го „фати“ правецот и во литературата за деца, но и во литературата за возрасни. Мојот прв роман за возрасни „Девет приказни за госпоѓица Сит“ влезе во најтесен избор за Роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“, а стихозбирката „На погрешната стана“ на Пајо Авировиќ беше во најтесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Сепак, наш примарен фокус останува литературата за деца, ќе имаме прекрасни изданија од одлични автори и илустратори, а некои од нив се „родија“ токму со е-списанието „Чудна шума“ Владимир Мартиновска ја напиша книгата „Шах со Бах“, која ја илустрираше Зоран Кардула. Иако е достапна засега како е-книга (печатеното издание е во подготовка), таа веќе доби две награди од МАИ на Саемот на книгата. Прекрасна книга за деца подготвува Владимир Лукаш. Румена Бужаровска (придружувана од уметницата Јана Јакимовска) ја подготвува својата прва сликовница со песни за деца (и не само деца). Деновиве ќе излезе и мојата најнова сликовница за деца, „Кучето што мјаукаше и мачето што џавкаше“, која ја правиме заедно со младата и талентирана уметница Сања Симоска. Но, подготвуваме и нови и интересни изданија за возрасни, ќе почнеме со пошироко портфолио и со различни жанрови, па ќе видиме каде ќе не однесе патот. Без брзање, со план и квалитетно – само така и никако поинаку.

Какви предизвици му носи есента на е-списанието „Чудна шума“, а какви Вам како авторка?

Е-списанието „Чудна шума“ со есента ќе има нов, збогатен и разновиден концепт. Веб-страницата веќе го доби своето ново (жолто и есенско) руво, подинамичен и попрегледен дизајн. Содржински, ќе имаме баланс на песни и проза за деца, повеќе авторски илустрации, ќе имаме и преводи и препеви на некои класици, текстови за почетно читање, а она што најмногу ме радува е што ќе имаме и текстови на автори од регионот и пошироко, кои ни отстапија права да објавиме нивни творби за деца. Прв кој го скрши мразот беше српскиот писател Зоран Пеневски, кој напиша приказна специјално за „Чудна шума“, но читателите ќе се запознаат и со многу други автори од регионот. За мене како авторка, пак, есента треба да го донесе новиот роман „Куќа над брановите“. Се надевам и дека малку ќе здивнам од пишување сценарија и ќе одморам со гледање во боите на Водно додека планинарам или на Коњско покрај Охридското Езеро, каде што ги поминувам последниве четири месеци. (М.С.Т)

 

Фото: Срна Галевски