Пролетно разубавување на Зоолошка градина, хортикултурно средување на зелените и на цветните површини, уредување на патеките, живеалиштата…

Воедно, се средуваат просторот кај многу популарното место меѓу посетителите – Бејби ЗОО и зеленилото во Динопаркот, се реновираат езерцата, се менува водата, се поставуваат нови водни пумпи. Освен тоа, тековно се реновираат живеалиштата на мајмуните, бизоните и на камилите. Но, за да се унапреди овој процес, потребни се средства кои, како што велат од скопската Зоолошка градина, ги немаат доволно и затоа потенцираат дека им е потребна поширока општествена поддршка и од институциите и од медиумите

239

Во пресрет на пролетта, период кога се зголемува и посетеноста, скопската Зоолошка градина се подготвува да им понуди на посетителите што поубави и попријатни услови за престој. Во тек се повеќе активности.

– Станува збор за активности во делот на разубавувањето на Градината, подготовка на езерцата, уредување на патеките за претстојната сезона, кога е најмногу посетена Зоолошката и, секако, целосно хортикултурно пролетно средување на зелените и на цветните површини – информираат од Зоолошката градина.

Оттаму додаваат дека воедно се средуваат и просторот кај многу популарното место меѓу посетителите – Бејби ЗОО и зеленилото во Динопаркот, дека се реновираат езерцата, се менува водата, се поставуваат нови водни пумпи.

Освен тоа, тековно се реновираат живеалиштата на мајмуните, бизоните и на камилите.

– Одржувањето на живеалиштата бара постојана грижа, обновување на мрежите, оградите и збогатување со потребните реквизити за животните. Но, секојдневно, поради потребата на животните, мора да се менува и водата во водните живеалишта на морските лавови, пингвините, водата кај слоновите и да се води грижа за благосостојбата на сите животни и сè што е потребно за нив – образложуваат од Зоолошката градина.

Но, за да се унапреди овој процес, потребни се средства кои, како што велат од скопската Зоолошка градина, ги немаат доволно.

– Зоолошката градина се соочува со финансиски проблеми, кои произлегуваат и од тоа што неколкукратно, во последниве години, се зголемува цената на режиските трошоци и на храната, а и на сè друго што е потребно за правилно функционирање. Цената за влез неколку години е непроменета и е 80 денари (20 денари е влезот во во Бејби ЗОО, а 50 денари е влезот во Динопаркот), што е многу ниска цена за влезница (најниска цена на цел Балкан, а да не зборуваме за Европа) – реагираат од Зоолошката.

Во исто време, тие се соочуваат со недостиг на кадар и со потреба за пополнување на работните места, кои се испразниле во меѓувреме.

Но, поради недостиг на средства, тие работни места не можат да се пополнат со нови лица.

Од Зоолошката градина сметаат дека за да се решат овие тековни предизвици во нивното работење, потребна е поширока општествена поддршка и од институциите и од медиумите.

Напролет, нови животни

Од Зоолошката градина се надеваат дека пролетва посетителите ќе се израдуваат и со нови животни.

– Постапката за носење нови животни e почната веднаш по новогодишните празници, но бидејќи се работи за сложен и долг процес, потребни се повеќе време и документација. Но, се надеваме дека пролетва ќе ги израдуваме посетителите со нови животни за што, веднаш по нивното пристигнување, ќе ја информираме јавноста – најавија од Зоолошката.

Оттаму не прецизираат за кои животни станува збор и од каде ќе бидат набавени, туку само одговорија дека соработуваат речиси со сите зоолошки градини во регионот.

(А.П.)