EPA-EFE/Mohammed Badra

Се ближи најголемиот спортски фестивал – Олимписките игри. Годинава тие ќе се одржат во Париз, а како и обично, потоа ќе се одржат и Параолимписките игри, за спортистите со хендикеп.

Сепак, две земји ќе бидат доста ограничени, бидејќи Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) воведе нови услови за руските и за белоруските параолимпијци доколку сакаат да се натпреваруваат. Рускиот параолимписки комитет го наведе она што им било поставено како услов, а прво нешто е тоа дека можат да присуствуваат само 125 руски параолимпијци во Париз и, заедно со стручниот штаб, тој број е вкупно 225. Исто така, параолимпијците на оваа земја, која моментно е во војна со Украина, не смеат да настапуваат под знамето на Русија, туку под неутрално знаме.

Но, она што е ново, бидејќи се практикуваа овие работи и во изминативе неколку години кога е Русија во прашање, е тоа што спортистите можат да учествуваат само во поединечна конкуренција, не и во екипна. Исто така, забрането е учеството на руските параолимпијци и на церемонијата на отворање и на затворањето на Игрите!

Учеството на сите параолимпијци што ја поддржаа специјалната воена операција е дефинитивно забрането, а доколку некој од руските параолимпијци победи, ќе се свири химната на меѓународното параолимписко движење. Никој нема да смее да го истакнува руското знаме на натпреварувањето, а јавните говори на членовите на руската делегација, исто така, се забранети.

Во случај на прекршување на некој од овие прописи, параолимпиецот ќе го загуби правото да се натпреварува како „неутрален натпреварувач“ и ќе биде исфрлен од Игрите. И параолимпијците на Белорусија ќе мора да ги почитуваат сите овие правила.