По повод Светскиот ден на шумите и започнувањето на пролетта, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, учествуваше во пролетната акција за пошумување на опожарените површини.

– Во месноста Богословец, Светиниколско, садиме 5.000 садници на бор, даб и багрем, заедно со Сојузот на извидници на Македонија, деца од основните и од средните училишта и со сите волонтери љубители на шумите. Зелената транзиција е една од нашите цели, минатата година проектиравме пошумување на околу 600 хектари со над 1.200.000 садници од различни видови, ширум државава – рече Николовски. 

Заедно со „Regional centre for forestry and rural development“ и со финансиска поддршка на Агенцијата за шуми на САД, МЗШВ ја започна и ја поддржа националната кампања против нелегалната сеча „Не сечи ја мојата иднина! Стоп за дрвокрадците!“.

– Влеговме во заедничка борба да ја подигнеме јавната свест и да ги спасиме нашите шуми. Тие се нашиот дом – рече Николовски.