Мотивот за убиствoто на двајцата украински војници е политички? Германија покрена истрага

164

Главното јавно обвинителство во Минхен денеска ја презеде истрагата за убиството на двајца Украинци поради можност делото да е политички мотивирано.

Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за двајца војници кои биле на медицинска рехабилитација во Германија, Владимир Кожин и Вјачеслав Безугли, кои во саботата навечер биле пронајдени со убодни рани во близина на трговски центар во градот Мурнау.

Германската полиција уапси 57-годишен руски државјанин под сомнение за убиство, пренесува АП.

Убиецот ги познавал жртвите
Во истрагата за злосторството е вклучена и баварската централна канцеларија за борба против екстремизмот и тероризмот, пишува Spiegel.

Според прелиминарната истрага, тројцата се познавале, но потребно е да се проверат деталите, а постои сомнеж дека сите консумирале алкохол.

– Ова е загрижувачки инцидент, без сомнение. Сега мора подетално да се истражат околностите. Во моментов можеме само да шпекулираме за мотивите – изјави Штефен Хебстрајт, портпарол на германскиот канцелар Олаф Шолц.

Тој додаде дека е клучно да се обезбеди безбедноста на украинските граѓани кои побегнале во Германија поради војната.

Повеќе од еден милион украински бегалци дојдоа во Германија откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во 2022 година.

Во земјата живеат и 2,5 милиони Руси со германско потекло, од кои повеќето се преселиле во Германија по распадот на Советскиот Сојуз во раните 1990-ти.