Младите се иселуваат од Македонија, доаѓаат работници од далечните азиски земји

ДАЛИ СТРАНСКИТЕ РАБОТНИЦИ ЌЕ ГИ ЗАДОВОЛАТ ОЧЕКУВАЊАТА НА ДОМАШНИТЕ РАБОТОДАВАЧИ?

682

Новина за пазарот на трудот во Македонија е регрутирање на работна сила од азиските земји. Од април на брегот на Охридското Езеро започнуваат со работа увезените работници од Непал, Индија, Филипини и Малта. Не само во хотелиерството, и во текстилната индустрија се носат работници од Азија. Во прилепската текстилна индустрија веќе пристигнаа девет работници од Непал, а се очекуваат уште десетина. Увозот на работна сила во Прилеп е во почетна фаза, но го отвора прашањето за состојбите со домашната понуда на пазарот на трудот.

Во земјава веќе постојат агенции кои помагаат при регрутирање на работници од Далечниот Исток на Азија. На сајтот на една таква агенција објаснуваат дека процесот на регрутирање азиски работници е комплициран и трае отприлика 2-3 месеци од подготовка на документите до финална регрутација и започнување со работа

 

 

Во Македонија опаѓа стапката на невработени, а од друга страна голем број млада работа бараат во поразвиените земји, главно во Европската унија. Затоа земјите од Балканот, кои се дел од ЕУ се соочуваат со недостаток на работна сила и поради тоа регрутираат работници од балканските земји, но и од далечните азиските држави.

Новина за пазарот на трудот во Македонија е регрутирање на работна сила од азиските земји. Од април на брегот на Охридското Езеро започнуваат со работа увезените работници од Непал, Индија, Филипини и Малта. Платите ќе им бидат од 350 до 550 евра. Домашниот кадар масовно заминува во Хрватска бидејќи таму им се нудат од 1.000 евра па нагоре. Оваа туристичка сезона на брегот на Охридското Езеро се очекува да работат околу 600-700 работници од странство, а според ХОТАМ, со нив ќе се пополни недостигот на кадар со кој се соочи секторот последниве години.

Не само во хотелиерството, и во текстилна индустрија се носат работници од Азија. Во прилепската текстилна индустрија веќе пристигнаа девет работници од Непал, а се очекуваат уште десетина. Увозот на работна сила во Прилеп е во почетна фаза, но го отвора прашањето за состојбите со домашната понуда на пазарот на трудот.

Прилепските стопанственици наведуваат три причини за увозот на работна сила.

-Едната е дека што до овој момент тие немаат доволно квалификувана работна сила на домашниот пазар на трудот. Дуалното образование не ги даде посакуваните резултати во овој момент и, исто така, образовните процеси што ги имаме во државава не се адаптирани на барањата на постојното стопанство. Втората причина е дека и воопшто нема ниту неквалификувана работна сила. Значи, нема од каде да ги добиете идните работници за прво да ги преквалификувате, или, доквалификувате. Трета причина е слабата продуктивност на нашите вработени што дополнително носи некомпетентност на компаниите, понатаму на европските пазари – вели Никола Мариноски, претседател на прилепската Регионална стопанска комора.

Според професорот од економскиот факултет во Прилеп,  Димитар Николоски, експерт за пазарот на трудот има повеќе причини за ниската продуктивност и немањето соодветен кадар за да ги задоволи потребите на пазарот. Според него, во земјава имаме профили кои не одговараат на идните предизвици кои со себе ги носат, да речеме, дигиталната, зелената транзиција и кои наметнуваат сосема нови потреби од вештини со кои не располага работната сила во Македонија. Од друга страна имаме добар дел млади кои се иселени од државата и кои, доколку би биле тука, секако значително би придонесле за економскиот развој.

Оттука се поставува прашањето, дали регрутираната работна сила од азиските земји што е новина за пазарот на трудот во Македонија, ќе покаже поголема продуктивност и вештини од домашната работна сила. Во земјава веќе постојат агенции кои помагаат при регрутирање на работници од далечниот исток на Азија. На сајтот на една таква агенција објаснуваат дека процесот на регрутирање азиски работници е комплициран и трае отприлика 2-3 месеци од подготовка на документите до финална регрутација и започнување со работа.

– Ова се должи на задолжителните законски процедури, но чекањето вреди и резултатите се очекувани. Регрутирањето мора да се изврши внимателно и правилно за да се обезбеди најдобар квалитет, врз основа на описот на работата и меѓународно достапните кандидати. За овој процес издвојуваме од една недела до еден месец, во зависност од барањата за квалификација и од буџетот наменет за понуди за плати. Работните дозволи потоа траат помеѓу 1 до 2 месеци кај локалните власти, а работните визи траат помеѓу 2 недели и 2 месеци во зависност од земјата на потекло на меѓународните работници – велат од Lumohr.mk.

Во однос на азиските работници се применува македонското право, како во однос на висината на платата, работното време и периодите на одмор, условите за вработување на бремени жени, така и во однос на здравственото осигурување и безбедноста на работното место, мерките за заштита од пожари итн. Посебно акцент се става на дискриминацијата на работното место, особено во случај на работник странец.

– Од моментот на пристигнување на регрутираните лица на територијата на Македонија, ја подготвуваме документацијата за добивање дозвола за престој. Со оглед на тоа што дозволата за престој важи само една година, ние ве поддржуваме со бесплатни консултантски услуги на секој период на обновување – потенцираат оттаму.

Стапката на невработеност во земјава е околу 13 проценти и е релативно висока за меѓународните стандарди, а активноста на работната сила е меѓу најниските во регионот.

(С.Бл.)