„Macedonia the Great“ ќе се сопне на Договорот од Преспа

Не стивнуваат реакциите и од македонска и од грчка страна откако минатата недела на самитот во Солун грчкиот премиер го промовираше брендот „Macedonia the great“. Тој појасни дека грчките производители се соочувале со нелојална конкуренција затоа што земјата извезувала под името Макеоднија. Веднаш потоа следуваа низа реакции од македонска страна, а според македонското МНР, овој чекор може да доведе до подривање на меѓусебната доверба и да го наруши Преспанскиот договор

124

Промовирањето на слоганот „Macedonia the Great“ од страна на грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, предизвика различни толкувања и реакции во земјава. Министерството за надворешни работи излезе со реакција дека тоа ја поткопува меѓусебната доверба, додека експерите велат дека за трговските марки потребна е заемна согласност и од македонска и од грчка страна.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, изјави дека Комисијата има да направи многу работи, бидејќи ознаките не се однесуваат само на „македонски, македонска, македонско од страна на нашата Македонија“, туку е поврзано и со обврските што ги има Владата на Северна Македонија.

Во однос на ставот дека промовираната трговска ознака „можеби и не е во духот на Договорот од Преспа“ и е еднострано дејство од грчка страна, Пецас рече дека целта на Грција е да не се создава збрка и на потрошувачите на светскиот пазар да им биде јасно потеклото на грчките производи.

Премиерот Зоран Заев, пак, смета дека секој има право да истакнува слогани, но Меѓународната експертска комисија формирана согласно Договорот од Преспа ќе го реши трајно брендирањето на производите по потекло од регионот Македонија.

-Секој има право да истакнува свои слогани, да се бренидира како солунски самит или здружение на индустријалци или слично. И Договорот од Преспа и меѓународните стандарди јасно укажуваат како се решаваат ваквите прашања. Ние тоа прашање го имаме вградено во Договорот од Преспа, каде веќе е создадена и треба да се дооформи меѓународна експертска комисија која заедно ќе го реши трајно брендирањето на производите по потекло од регионот Македонија што не спојува, изјави Заев, коментирајќи го слоганот „Macedonia the Great“ што беше промовиран за грчките производи од грчката област Македонија.

Меѓународната група на експерти е формирана на 18 јуни 2019, а првата седница ја одржа на 22 јуни во Скопје и за нејзината работа има и соопштение кое се наоѓа на веб-страниците на двете министерства за надворешни работи, грчкото и македонското. Во меѓувреме и на двете страни се оддржуваат консултации, договарања, се пласираат предлози како да се работи бидејќи главни протагонисти треба да бидата деловните заедници од Северна Македонија и Република Грција, на кои Меѓународната група на експерти им стои на располагање како советодавно тело.

Во Државниот завод за индустриска сопственост досега се регистрирани вкупно 34.898 трговски марки. Од овие, 15.584 марки се пријавени од македонски компании, а марките се со најразлични називи или се во слики, а со придавката „македонски“ или „macedonian“ се околу 150.

Наши трговски марки што се регистрирани согласно Мадридскиот договор, односно кои важат и во странска држава активни се 351 трговска марка. Од нив една содржи „мк“, зборот Македонија го содржат две и „мак“ содржат три трговски марки.