Во програмата на СДСМ се европски плати и животен стандард, каде што се предвидени просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра или 37.000 денари. Програмата предвидува, до 2028 година, минималната пензија да биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари или 500 евра. ВМРО-ДПМНЕ, пак, проектира дека, како идна влада, ќе креира 55.000 нови работни места, со што ќе се сведе невработеноста на едноцифрен број, т.е. на 7,5 %. Тоа ќе се постигне со раст на економијата од 5 % годишно и со капитални инвестиции во износ од 3 милијарди евра. Според нив, како идна влада, ќе креираат 10-годишна нова стратегија за привлекување гринфилд и браунфилд инвестиции

 

 

Двете најголеми политички партии во земјава, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, почнаа со своите ветувања за раст на економијата и за подобар животен стандард. Нивната девиза е дека ќе овозможат европски плати, животен стандард, достоинствен живот за пензионерите, но и поддршка за младите за да останат во земјава. На нивната агенда е да имаме силна домашна економија и модерна европска инфраструктура. Овие параметри се главниот столб и на едната и на другата партија и во нивниот фокус е како да се задржат младите во земјава, но и да им се овозможат подобар живот, образование и здравство. Да не се занемарат ниту пензионерите, и тие да имаат достоинствен живот.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на 28. конгрес на СДСМ, информираше дека програмата опфаќа повеќе од 250 страници и дека во неа е предвидено завршување на преговорите со Европската Унија до 2028 година.

– Завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година. Програмата е детална, конкретна и содржи голем број мерки во сите области и за сите граѓани. Оваа програма е за сите – за младите, пензионерите, земјоделците, бизнисите, работниците, лицата со попреченост, жените, мажите, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Бошњаците – буквално за сите што живеат во нашата Македонија – рече Ковачевски и дополни дека ќе се стави акцент за европски плати и животен стандард, како и  за достоинствен живот за пензионерите и поддршка за младите.

Во првиот столб од програмата на СДСМ се европски плати и животен стандард, во кој е предвидена просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра или 37.000 денари. Програмата предвидува, до 2028 година, минималната пензија да биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари или 500 евра. Тие потсетуваат дека просечната пензија пораснала, ја зголемиле за 6.400 денари во својот мандат, а минималната за 50 %.

Новина е што од оваа година ќе има по 100 евра новогодишен пакет за секој пензионер, а по 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години.

Во делот на стопанството, предвидена е програма од 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производството.

– Поттик на економскиот раст, предвидуваме 3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции. Во наредните четири години ќе инвестираме 2,7 милијарди евра во инфраструктурни проекти. Тоа се 194 километри изградени автопатишта до 2028 година и реконструирани 950 километри патишта – посочи претседателот на СДСМ.

Во столбот „Европско земјоделство“, Ковачевски рече дека СДСМ ќе обезбеди поголеми субвенции и поддршка за земјоделците од 750 милиони евра.

– До 2028 година, проектираме Македонија повеќе да извезува отколку да увезува храна. Извозот на земјоделски производи ќе биде 1,25 милијарди евра – рече тој.

Бесплатен топол оброк за учениците во основните и во средните училишта, како и бесплатен јавен превоз за сите ученици и студенти е дел од столбот „Европско образование“. Исто така, дел од програмата се чиста енергија и поевтина струја.

Изборната програма на СДСМ се содржи и од повеќе ЕУ-фондови за македонската економија. Според нив, со отворање на поглавјата ќе се обезбедат дополнителни фондови за посилна македонска економија и за повеќе знаење и стручност.

Што се однесува до нивните ветувања, тие биле реализирани, бидејќи кажале дека просечната плата ќе биде 34.000 денари, а сега е 40.000.

ВМРО-ДПМНЕ проектира дека, како идна влада, ќе креира 55.000 нови работни места, со што ќе се сведе невработеноста на едноцифрен број, т.е. на 7,5 %. Тоа ќе се постигне со раст на економијата од 5 % годишно. Според нив, како идна влада, ќе креираат 10-годишна нова стратегија за привлекување  гринфилд и браунфилд инвестиции, но и ќе направат реформа во системот на поддршка на странските инвестиции и на извозот.

Според ВМРО-ДПМНЕ, време е да му се врати државата на народот, а тоа единствено може да се постигне доколку расте економија, се зголемува продуктивноста, а платите на граѓаните и благосостојбата достигнат нови височини.

– Во период од четири години, ќе се заложиме за намалување на буџетскиот дефицит и негово потиснување под 3 % на годишно ниво. Со „Платформата 1.198“ се обврзуваме на раст на БДП до 5 проценти годишно, ниска стапка на инфлација не повеќе од 2 до 2,5 проценти годишно, буџетскиот дефицит постепено ќе се намалува на ниво под 3 проценти од БДП, намалување на невработеноста до 7,5 проценти, односно создавање 55 илјади нови работни места – рече Мицкоски, најавувајќи задржување на рамниот данок, незголемување на данокот на личен доход и на данокот на добивка, даночно ослободување кај данокот на личен доход за нововработените млади до 29 години, целосен поврат на данокот на личен доход за секоја вработена жена со новороденче.

Гордана Димитриеска-Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, објасни дека за нивниот економскиот тим било голем предизвик да се направат проекциите за буџетот 2024-2028 година, имајќи предвид дека владата на СДСМ и ДУИ ќе остави пустош во буџетот и речиси банкротиран буџет. Според неа, најголемиот фокус ќе ни биде кон капиталните инвестиции, кон поддршка на инвестициите за приватниот сектор, особено за производните компании и компаниите што извезуваат. Фокусот е ставен и на привлекувањето странски директни инвестиции, со што до 2028 година да имаме стапка на раст на бруто домашниот производ од 5 %.

– Прво што планиравме, како ВМРО-ДПМНЕ, е реализација на капитални инвестиции во износ од 3 милијарди евра. Значи станува збор за инфраструктурни проекти, за проекти во образованието, во здравството, проекти што ќе имаат вистинска додадена вредност. Најавуваме и силна борба со сивата економија – вели посочи Димитриеска-Кочоска.

Елена Петрова, дополнителен заменик-министер за финансии, кажа дека во следниот период клучна улога ќе има УЈП, за која ВМРО-ДПМНЕ има сет мерки за УЈП-реформа, која ќе се протега на четири столба: даночни обврзници, даночни приходи, даночна администрација и дигитализација. Според неа, програмата содржи над 1.000 мерки и проекти за подобрување на македонската економија и на македонското општество.

– Во нашата програма имаме еден цел дел за УЈП, именуван како ефикасна праведна и дигитализирана даночна администрација. Имаме испумпување пари од буџетот поради злоупотреби на поврат на ДДВ, за што УЈП не покажа капацитет да ги детектира и да ги спречи однапред ваквите појави. Од друга страна, компаниите што работат чесно, ненавремено го добиваат својот поврат, и тоа има одраз врз нивната ликвидност. Затоа ние смисливме сет мерки за УЈП, именувани како 4Д-реформа на УЈП, реформа што ќе се протега на четири столба: даночни обврзници, даночни приходи, даночна администрација и дигитализација – кажа Петрова.

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Маја Кадиевска-Војновиќ, во своето обраќање рече дека ВМРО-ДПМНЕ го слушнала бизнис-секторот и ги преточила барањата во новата програма „Платформа 1198“, бидејќи, како што рече, приватниот сектор е стожерот на македонската економија, бидејќи го полни државниот буџет и вработува најголем дел од населението.

– Бизнис-секторот, односно приватниот сектор, создава над 90 % од додадената вредност во економијата и вработува најголем дел од населението или над 70 % се вработени во приватниот сектор. Приватниот сектор е стожерот на македонската економија, кој го полни буџетот. И затоа ВМРО-ДПМНЕ, во наредниот период, дава сериозна поддршка за развој, за зголемување на конкурентноста за подобрување на усовршувањето, дигитализацијата на претпријатијата и за иновации – децидна е Кадиевска-Војновиќ.

(В.Ма.)