ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Корисни поуки

2926

Дали поединците кои постојано стравуваат од пораз, кои имаат лабилен карактер и манифестираат непосветеност и мрзеливост, однапред се осудени на неуспех и на неконструктивно реализирање на своите таленти?

Поединците кои стравуваат од поразите и кои имаат лабилен карактер, дефинитивно се осудени на неуспех, бидејќи без оглед на своите потенцијали, самите себеси се програмираат со законот на отпорот и негацијата и манифестираат несигурност и песимизам во настапите. Тие чувствуваат дека нема да успеат, дека ќе паднат и ќе доживеат пораз во борбата со искушенијата на животот. Ова прашање е надополнување на тезата дека „осознавањето на животната темнина и мачнина“, нужно нè води кон радоста и хармонијата, посебно откако ќе ја воспоставиме позитивната аура и ќе извлечеме поука од страдањето.

Нема човек кој на некој начин не се соочил со ограничувањата, но треба да замислиме колку е вредно по доживувањето на страдањето и темнината, конечно да ја почувствуваме радоста и светлината. Дали е тоа заради одредена болест, бидејќи кога сме болни и кога чувствуваме слабост и болка, секој од нас би направил сè само да го има здравјето и да се почувствува добро во својата кожа. Во тој случај, ништо не е доволно добро, освен потребата да се биде здрав. Доживувањето на здравјето, откако сме се соочиле со болеста, може да ни помогне да ги препознаеме и да ги почитуваме најзначајните вредности на животот. Истото тоа може да се каже и за љубовта. Имено, напуштениот поединец кој пропатил поради неверство на саканата личност, еден ден кога ќе доживее вистинска љубов ќе знае да ја цени таа љубов, бидејќи осознал и почувствувал колку може да биде болно лажното и измамничко партнерство.

Нема вкусување на најголемите радости и светлини на животот, ако претходно не ги сфатиме и осознаеме ударите, поразите и тешкотиите.

Ограничувањата постојат за да нè зајакнат, бидејќи како што кажал Фридрих Ниче: „Сè што не ме убива, ме прави посилен“. Од суштинска важност е да истраеме и да не дозволиме да бидеме уништени на психофизички план, бидејќи „на маката се познаваат јунаците“. Волјата, храброста и решителноста да се издржат ударите на судбината, можат да нè извлечат дури и кога сме на дното и кога чувствуваме дека не постојат опции за придвижување кон нагорната патека на животот. Неретко, токму негативните искуства и страдањата се пресудни за да сфатиме каде грешиме и да тргнеме напред кон похармоничната патека на постоењето.

Следнава будистичка зен-приказна тоа најдобро го отсликува! Во неа се раскажува за познатиот поет Џитоку, кој решил да го проучува зенот (духовното будење). Тој закажал средба кај мајсторот Екеј во Кјото. Пристигнал таму полн со надеж. Но, само што влегол, добил од учителот шлаканица, по што се почувствувал понижен. Но, бидејќи правилата на зенот обврзуваат на тоа ништо да не смее да се кажува или прави без дозвола од мајсторот, само молчејќи потиштен го напуштил местото. Потоа отишол кај Докун, духовен поглавар, и запознавајќи го со тоа што му се случило, му кажал за својата намера да го предизвика Екеј на двобој.

„Всушност, мајсторот кон тебе покажал голема љубезност“, рекол Докун. „Пробај да практикуваш зазен (техника на медитација, која има за цел постигнување на „внатрешен молк“, или хармонија со самиот себе), па ќе го увидиш тоа“.

Џитоку го послушал советот. Вложил таков напор во текот на последователните три дена и три ноќи, што постигнал состојба на екстатично просветлување, далеку над сè што би можел да очекува.

Потоа се вратил кај Докун и му рекол: „Без вашиот мудар совет, никогаш јас не би доживеал духовна преобразба. А што се однесува до мајсторот Екеј, сега сфаќам дека тој требало да ме удри многу посилно“.

Поуката е дека судбината многу често знае да ни удира силни шлаканици, кои можат да бидат голем пораз, но и големо откровение за следење на вистинската патека на животот. Впрочем, неретко и од лошите искуства можат да произлезат одредени добра, посебно ако ја сфатиме пораката на случувањето, бидејќи: „Милоста на разбудените да те видат, да те допрат со допирот на вистината, отвора пат кон светлината“.

Затоа, треба да бидеме подготвени да ги прифатиме советите од лицата кои поседуваат одредена мудрост и кои ни мислат добро, но и да внимаваме на сите оние кои поради својата подлост и незнаење можат да нè однесат кон бездната на егзистенцијата.

Со тешки и неизвесни животни околности се соочил и писателот Ог Мандино, кој едно ноемвриско утро во Кливленд, со последните пари што ги поседувал, размислувал да купи пиштол и да си го одземе животот. Самиот на себе си рекол: „Мојот живот е празен, не успеав да задржам ниту една работа, се оддадов на алкохолот, жената и синот ме напуштија, која е смислата и понатаму да постојам и доживувам неуспеси“? Но, во пресудниот момент, кога прашањето било – да се биде или не, една мисла му го окупирала вниманието: „А зошто јас не напишам една книга, да послужам како пример – преку моето искуство и другите да осознаат што не треба да прават со талентот и со можностите кои им се отвораат во животот“. Креативната инспирација ја побарал во областа на популарната психологија – на тема личен развој, успех и мотивација. Тоа го поттикнало да посетува многу библиотеки низ Америка и целата своја енергија ја насочил кон проучувањето на методите и начелата за постигнување на успехот. Таквиот интелектуален ангажман вродил со плод, бидејќи книгата „Најголемиот трговец на светот“ станала бестселер, а Ог Мандино познат и успешен писател. Оваа животна приказна покажува дека границата помеѓу пропаста и воздигнувањето, неретко е многу тенка, исто како што е тенка и помеѓу љубовта и омразата; спокојот и немирот итн. Таа се наоѓа помеѓу потенцијалот за хармонично градење на животот и сегментите кои многу лесно можат да нè потонат и одведат кон темнината и кризата на постоењето.

Ако сакаме да излеземе на крај со искушенијата, потребно е да вложуваме во духовниот развој, да имаме силна волја и да не стравуваме од поразите, зашто и падовите се нормална работа, бидејќи никому не му е дадено вечно да се движи кон нагорната патека на животот.

Впрочем, што би се случило со врвните спортисти ако духовно паднат по периодите на кризи и порази и ја загубат волјата за натпреварување? Да замислиме, во последното коло од првенството, да имаме шанса со погодок да и донесеме титула на својата екипа – и ние таа шанса да ја уништиме!

Тоа му се случило на српскиот фудбалер Владислав Ѓукиќ, кој во последната минута од натпреварот со Валенсија промашил пенал, а со тоа неговиот тим Депортиво Ла Коруња ја пропуштил можноста првпат во својата историја да стане фудбалски шампион на Шпанија.

Можеби во тој момент, за српскиот фудбалер, за управата, за соиграчите и за навивачите на Депортиво, тоа претставувало „пропаст на светот“ и предизвикало голема тага и разочарување. Но, таков е спортот, а воедно, таков е и животот. Некогаш ќе добиеш, другпат ќе загубиш и мора да ја прифатиш таа загуба, без оглед колку е болна и трагична. Зошто, кога никој од соиграчите не сакал да го изведе пеналот и да го реши натпреварот, Ѓукиќ со високо ниво на самодоверба ја презел одговорноста, но не успеал, бидејќи понекогаш нештата зависат и од судбината или од тоа што било запишано во тефтерот на божјата промисла.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)