Истече рокот за увид во избирачкиот список

45

Синоќа на полноќ истече рокот за увид во Избирачкиот список како и за пријавување на гласачите во дијаспората. Граѓаните вчера можеа да проверат и доколку е потребно да побараат промена, запишување или бришење на своите податоци од Избирачкиот список за претстојните претседателски и парламентарни избори.

Од Државната изборна комисија ДИК) во неколку наврати апелираа граѓаните да извршат проверка и доколку има потреба да побараат промена.

Според податоците на ДИК, заклучно со 14 март во подрачните одделенија и канцеларии на Комисијата, увид во своите податоци во Избирачкиот список направиле 4859 лица. Седум лица поднеле барање за промена на своите податоци, 19 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и пет лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.

Преку електронски пат заклучно со 14.март, се провериле вкупно 22122 граѓани. Поднесени се 25 барања за промена на податоци, шест барања за бришење на податоци и 10 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.

По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, пак, во неделата вечерта  до 20 часот се пристигнати 2049 пријави од кои 1430 се прифатени, 165 се одбиени, а не се обработени 434.

Гласање во дијаспората за претседателските избори ќе се организира, со оглед дека претседател на државата се избира според мнозинскиот систем на целата територија на државата, како и на сите континенти каде што живеат нашите државјани. За да биде отворено едно гласачко место ДПК или Конзуларна канцеларија на државава во странство треба да бидат пријавени најмалку десет гласачи.

Но, за да се организира гласање за парламентарните избори потребно е да се пријават најмалку 5 355 гласачи во сите 52 конзуларни претставништва или дипломатски канцеларии во странство.

Во државава сите кои се запишани во избирачкиот список ќе можат да гласаат и на претседателските и на парламентарните избори, а правото на глас, согласно со последните измени во Изборниот законик, ќе може да го остварат и граѓаните со истечени лични документи и патни исправи во последните девет месеци пред изборите.

Како што појаснија од ДИК деновиве, тоа значи дека на претседателските избори на 24 април граѓаните, односно гласачите би можеле да се идентификуваат  со важечки лични документи, но  и со лични документи, лична карта или пасош чија што важност истекла почнувајќи од 24 јули 2023 година за претседателските избори, додека за парламентарните избори ќе може да се идентификуваат гласачите со важечки лични документи, или лични документи – лична карта или патна исправа која по кој било основ истекла во периодот од 8 август 2023 година заклучно со 8 мај 2024 година.19

Со последните измени и дополнувања на Изборниот законик предвидено е во Избирачкиот список да бидат запишани сите граѓани со наполнети 18 години заклучно со денот на изборите, согласно со актот за распишување на изборите кои имаат живеалиште на територијата на државата.

Оние што ќе наполнат 18 години во меѓу периодот од две недели помеѓу претседателските и парламентарните избори ќе бидат запишани во изводите од Избирачкиот список само за парламентарните избори.

Поради технички проблеми со веб-страницата, продолжен рокот за пријавување на гласачите од дијаспората

Поради технички проблеми со веб-страницата  www. dijaspora. sec.mk, пријавувањето на гласачите во дијаспората се продолжува до 19 март 2024 година до 9 часот, информираа вчера од ДИК.

Оттаму додаваат дека техничкиот проблем се случил во текот на ноќта 17 март 2024, од 24 часот, како и дека таа била вратена во функција вчераутро во 9 часот.

Од таа причина, нагласуваат од ДИК, пријавувањето на гласачите во дијаспората се продолжува за времето колку што траел прекинот, односно до 19 март 2024 година, 9 часот.