Регионалниот фонд за предизвици (РФЦ) ја поттикнува одржливата конкурентност на бизнисите од Западен Балкан 6 на патот кон единствениот пазар на ЕУ финансиски поддржувајќи го стручното образование кое во соработка со претпријатијата треба да одговори на потребите од одредени вештини.

Неодамна, РФЦ ги објави добитниците од третиот повик, со кој се обезбедуваат грантови за стручно образование и обуки изработени во соработка помеѓу претпријатијата и установите за стручно образование и обука во регионот.

Резултатите од доделените грантови официјално ќе бидат соопштени утре на националниот настан за Македонија, кој ќе се одржи во просториите на Стопанската комора на Северна Македонија.

По три отворени повици, Регионалниот фонд за предизвици се обврзува да поддржи вкупно 16 проекти со 85 партнер претпријатија во Македонија во износ од 7,13 милиони евра.

На третиот повик за предлог проекти, пристигнаа 155 изјави на интерес од земјите на Западен Балкан, од кои 25 беа од Македонија. Комисијата за избор одлучи да ги финансира двата најуспешни проекти од Македонија со вкупен износ од 951.905 евра. Овие средства ќе се искористат за подобрување на инфраструктурата на образовните установи и за обезбедување обука на учесниците во програмата за кооперативно образование.

Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) е финансиска институција која има за цел зголемување на конкурентноста на претпријатијата во Западен Балкан 6 преку финансирање инвестиции во опрема и инфраструктура за проекти за дуално и стручно образование изработени во партнерство на установи за стручно образование и претпријатија. Грантовите се доделуваат по пат на конкурентен регионален предизвик.

Германското сојузно министерство за економска соработка и развој додели 64,43 милиони евра на РЦФ, а швајцарската влада застапувана од страна на Швајцарската агенција за соработка и развој (СДЦ) кофинансираше дополнителни 9,7 милиони швајцарски франци. Средствата беа доделени на kfW Развојната банка, а реализирани од страна на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6, како заедничка иницијатива на стопанските комори од регионот.