Веќе две години се исклучени пумпите на хидросистемот „Ѓавато“ за спас на Дојранското Езеро, поради големите сметки за струја. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека при носењето на таквата одлука, не се зела предвид реалната штета што ќе се направи врз системот од неговото нефункционирање, затоа, како што велат оттаму, нивото на водата на езерото е намалена за повеќе од 1,5 метри.

– Ако оди со ваков интензитет, можно е до почетокот и во текот на летната сезона езерото да се намали и до 2,5 метри, со тоа што ќе се промени целата моментална крајбрежна слика и повторно нè враќа на лошите спомени од еколошката катастрофа што му се случи на езерото во минатото – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пред три недели, дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, при посетата на Дојранското Езеро и при увидот во состојбата на хидросистемот за спас на нашето најмало природно езеро, рече дека состојбата со водостојот е катастрофална, со што се загрозува биолошкиот свет во езерото.

Хидросистемот „Ѓавато“ за спас на Дојранското Езеро започнува од местото Ѓавато и тој не е во функција, бидејќи, со одлука на Владата, се исклучени пумпите што го снабдуваат овој систем со вода.

– Дополнително, има информации дека од концесионерот на Дојранското Езеро не се издаваат дозволи за рекреативен риболов, бидејќи езерото се користи за стопански риболов, односно максимално искористување на рибниот фонд од страна на концесионерот. Апел до Државниот земјоделски инспекторат да се изврши контрола за начинот на стопанисување со Дојранското Езеро  – рече Трипуновски, кој упати апел до Министерството за животна средина, како одговорна институција за хидросистемот, веднаш да започне со санација на цевките и на цевководот и да го стави во функција хидросистемот за спас за Дојранското Езеро.

Градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов, нагласува дека, во последниве неколку недели, е повикуван и споменуван во многу наврати за ситуацијата со хидросистемот за спас на Дојранското Езеро.

– Дел од овие повици се навистина од искрени луѓе што ги сакаат Дојран и нашиот бисер – Дојранското Езеро, луѓе што оставиле трага низ годините и помогнале да се воздигне во она што е сега. Но, навистина не можам да разберам луѓе што намерно прават штета и шират негативна кампања поради ситни политички поени, а со тоа си нанесуваат и штета на самите себе, за која, можеби, и не се ни свесни. Воедно, сакам да знаете дека никогаш не сум имал предрасуди и ќе кажам дека хидросистемот за спас на Дојранското Езеро е клучниот и најголем проект за спас на нашиот бисер – Дојранското Езеро. Секоја чест на сите што биле вклучени и успеале да го реализираат – потенцира Ангов.

Во изминативе шест години, Општина Дојран има реализирано низа проекти, заедно со поддржувачи и експерти за заштита на Дојранското Езеро.

– Изготвени се студија за валоризација на Дојранското Езеро и менаџмент план. Извадена е дел од патеката што беше поплавена и формирани се плажи, а со тоа го ослободивме езерото да дише. Во моментов решаваме децениски проблем, се санира и се реконструира колекторскиот систем, а завршена е тендерската постапка и започнува изградбата на нова пречистителна станица. Од МЖСПП добиваме директна поддршка од 53 милиони денари за целосно заокружување на финансиската рамка и за реализација на проектот за заштита на Дојранското Езеро, во кој се реализира целосна санација на колекторскиот систем, изградба на нова пречистителна станица, изградба на целосна канализациска мрежа во селото Црничани и изградба на две мини пречистителни станици во Фурка и во Црничани. Пуштена е и браната „Коњско“, која ќе овозможи по природен пат да доаѓа водата до Дојранското Езеро, а со тоа и трајно решавање на проблемот – вели Ангов.

Тој најави дека деновиве започнува санацијата на некои делови од хидросистемот, а веднаш потоа и негово пуштање.

– Водостојот на Дојранското Езеро е над нулта кота и се следи постојано, потребно е хидросистемот да биде во функција и да се користи тогаш кога ќе има потреба од него – дециден е Ангов.

Изграден во 2002 година, со цел полнење на Дојранското Езеро, хидросистемот „Ѓавато“, долг 22 километра, е од витално значење за целиот регион, за езерото, но и за полјоделството.

(С.Бл.)