Сакате куќа на море – Богатите Украинци си одат, доаѓаат Турци, цените на становите на Црногорското Приморје паѓаат!

36984

Од неодамна, на голем број Руси Будва им станува тесна, па си заминуваат. Некои од нив изјавуваат дека им е убаво морето, но дека им е мал градот, па тргнале кон поголем, најчесто кон Белград, каде што ги селат своите фирми. Последниве месеци, помасовно си заминуваат и Украинците, кои велат дека не нашле услови за бизнис таму, а ги потрошиле сите пари што ги имале. Од лани, во Будва и во другиот дел од приморјето се населуваат Турци, кои отвораат свои бизниси таму. Во последниве три години, цените на становите во Будва се качени за 61 процент, но сега почнуваат да паѓаат

 

Последниве години, рускиот, а од лани и турскиот се доминантни јазици, кои може да се слушнат по улиците во црногорската метропола на туризмот, Будва, но и во другите приморски градови. Според регистрациите на возилата, претежно луксузни џипови, не така мал е и бројот на Украинци, кои во убавите приморски градови нашле прибежиште од војната што се води во нивната земја.

Во Будва, руските државјани веќе се одомаќени, бидејќи се таму од пред речиси деценија. Тие имаат развиено бизниси, а се толку бројни што во градот успешно работат руска градинка и руско основно училиште. Од пред година и пол, Црногорското Приморје почна да се полни и со Украинци, кои не се толку деловно активни и главна цел им е да избегаат од војната во својата земја. Од пред неколку месеци, пак, има „наезда“ и од Турци. Богатите странци ги селат бизнисите што ги имале – од својата земја во Црна Гора, а некои отвораат нови од различен вид, почнувајќи од консултантски и градежни фирми, па до продавници за сувенири. Но, има и такви што ја обезбедуваат егзистенцијата далеку од дома работејќи во сервиси за миење возила и во продавници, без да знаат да изустат ни збор на црногорски јазик.

Иако жителите на Будва се прилично незадоволни од ваквата експанзија на населението, зашто се дојдени во ситуација да немаат каде да се паркираат, за градските власти, за градежните инвеститори, за трговците и за угостителите, тие се како „кец на десетка“. Благодарение на дојденците, последниве години енормно е зголемен прометот во трговијата, а се случува и градежен бум. Со тоа, експлодираа цените на недвижностите и на кириите. Богатите Руси, само за да се стационираат во топлата Будва, за употребуван стан од 40-ина квадрати, пред неколку години, без око да им трепне, даваа и по 150 илјади евра. За да се задоволи побарувачката на недвижности во првата линија до морето, сега се градат станбени згради и хотели од 10 и повеќе ката, со што се попречува струењето на морскиот воздух кон градот. „Изорани“ се и околните брда, на кои никнуваат градби до кои потешко се стигнува со автомобил, а камоли пеш. Но, купувачи има.

Од неодамна, како што нотираат црногорските медиуми, ситуацијата се менува. На голем број Руси Будва им станала мала, па си заминуваат. Некои од нив изјавуваат дека им е убаво морето, но дека им е мал градот, па тргнале кон поголем, најчесто кон Белград, каде што ги селат своите фирми. Подгоричка „Побједа“ пишува дека последниве месеци помасовно си заминуваат и Украинците. Сега доаѓаат Турци, но со нешто поплиток џеб. Сето тоа влијае на цените на становите и на кириите, кои почнуваат да паѓаат.

– Во изминативе неколку месеци, бројот на украински државјани е во константен пад. Во Будва се преполови, што влијае на пазарот на недвижности и на туризмот – изјавуваат од Туристичката организација на Будва за „Побједа“.

Весникот посочува дека илјадници Украинци, главно имотни, изнајмувале куќи и станови во Будва, но сега се враќаат во Украина или одат во други држави, бидејќи во Будва не пронашле услови да почнат бизнис, а ја потрошиле заштедата. Од нивното присуство немало дејност во Будва што не остварувала поголеми приходи.

– Не знам зошто си одат кога уште трае војната. Ги откажуваат становите, веројатно веќе немаат пари. Сега закуп на станови најмногу бараат Турци, но тие не можат да плаќаат како Украинците, па кириите се движат од 450 до 550 евра – изјавува за весникот сопственикот на „Камин недвижнини“, Душан Ранковиќ.

Според него, сега се бараат мали станови, а нив во Будва ги нема. Најдобро поминуваат становите со цена до 100.000 евра, а 95 отсто од нив се веќе продадени. Сепак, тој посочува дека побарувачката сè уште е поголема од понудата, па вели дека нема економска причина за пад на цените. Ранковиќ посочува и дека нема нови купувачи Руси, зашто тие веќе не можат да ги изнесат парите од државата или да отворат сметка во Црна Гора. Додава дека цените на квадратот во Будва, во зависност од локацијата, сега се движат од 2.000 до 6.000 евра, а во последните три години, кога се зголеми бројот на присутни странци, цената на квадратот во новоградба скокнала за 61 процент.

(С.В.)