Бараат довршување на реконструкцијата на регионалниот пат Делчево – Габрово

21

Жителите на делчевското село собираат потписи за петиција со која бараат продолжување на реконструкцијата на регионалниот пат Делчево – Габрово.

Иницијативата е на селаните кои решија да постапат на ваков начин, откако според нивни информации по реакција на жител од селото, стопирана е работата за продолжување на реконструкцијата, што започна пред околу два месеци.

– Благодарение на општината која ни излезе во пресрет се проширува патот што ни беше тесен. Сега се појави мал проблем предизвикан од еден наш сограѓанин. И затоа сме собрани да се потпишеме и да поднесеме петиција до Општината, да реагира, тој проблем да се реши и да се продолжи со работата. Машините да не се стопираат – вели Душко Стоиловски од село Габрово.

Тој додава дека обновата на патот е потребна, бидејќи тој во моментот целиот е прекопан и мештаните не можат да се движат со нивните возила.

– Сигурни сме дека проблемот ќе се реши. Сега сме тука за да можеме да поднесеме петиција, за изведувачите да имаат правна основа да реагираат и да се продолжи со работа – додава Стоиловски.

Реконструкцијата на патот до село Габрово започна во февруари и чини 21,3 милиони денари.