EPA-EFE/ANDRE COELHO

Новак Ѓоковиќ со сигурна победа (6:3, 6:2, 6:2) над Хуан Пабло Вариљас стигна до четврт-финалето на Ролан Гарос, а потоа тоа го направи и младиот Шпанец Карлос Алкараз (20), кој сè почесто се наметнува како главен фаворит за титулата. Светскиот тенисер број еден триумфираше и на мечот од 4. коло во три сета и без поголеми проблеми го елиминира Италијанецот Лоренцо Мусети со 6:3, 6:2, 6:2, идентичен резултат со оној на Србинот.

Шпанецот продолжи да чекори кон својот втор грен-слем трофеј и на патот го очекува дуел против петтиот носител Стефанос Циципас, кој со 3:0 во сетови го совлада квалификантот од Австрија, Себастијан Офнер.

На неделниот меч против Италијанецот, Алкараз го имаше предвид и финалето во Хамбург од минатата година, во кое победи Мусети, и тоа му даде дополнителен мотив да блесне и да се доближи на чекор до очекуваното полуфинале против Новак Ѓоковиќ. Ѓоковиќ во вторник, во четврт-финалето, ќе игра против Русинот Карен Хачанов.